Зошто Министерството за здравство и министерот Филипче во изминатите девет месеци наложувале закопот на починатите од ковид-19 да мора да биде во лимени ковчези, а телата на починатите да се ставаат во специјални пластични торби, со што ужалените семејства беа изложени на високи трошоци, кога за таква процедура не постоел протокол, прашува Алијансата за Албанците.
Партијата бара Министерството да ги објави имињата на компаниите со кои биле склучени договори за да се види дали има основа за коруптивни активности.
Според информациите што ги имаме од граѓаните, разни погребални компании ја злоупотребиле ситуацијава и за нивните услуги барале од 12.000 до 35.000 денари, цена која е висока за специјална ПВЦ – торба, во која што се става телото на починатиот, како и за лимен ковчег, врз основа на протокол, кој според Државниот санитарен и здравствен инспекторат излезе дека не постои, реагира партијата.
Алијанса за Албанците прашува зошто тогаш Министерството за здравство девет месеци го дозволуваше тоа и зошто не реагираше на кражбата на граѓаните, кога не постои таков протокол.
Партијата бара да биде соопштено на која жиро-сметка биле уплатувани парите за пластичните торби и за ковчезите и кои се компаниите кои биле договорени од страна на Министерството.
Алијанса за Албанците бара итно од Владата да се прекине „кражбата на граѓаните, на семејствата кои се оштетени да им се компензираат парите”, а министерот Филипче да даде отчет и да преземе одговорност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.