Сиромаштијата во Македонија секојдневно вртоглаво расте. Сликата која ја гледаме низ македонските улици е реалноста која ја живеат граѓаните на оваа држава. Деца питачи, злоупотреба на детската заштита, руинирани градинки, злоупотреба на социјалната помош, хаос во домашната нега, мобинг во јавната администрација. Тоа е фактичката состојба за животот во Македонија.

Нема економска година и прав пат како што ветија, но има лицемерни тендери два дена пред техничка влада и партиски вработувања. На ова МОРА да се стави крај! Министерствата се на граѓаните, а не на партиските центри, изјави денеска Министерката за труд и социјална политика Рашелa Мизрахи.

„Од овој момент натаму, празните зборови се минато. Јас не можам да направам промена на светот за три месеци, но ќе се потрудам она што е мој домен да не наликува на изминатите три години. Ние можеме и имаме ресурси за функционираме подобро. Имам сознанија дека се заглавени дури 8500 предмети за нега на трето лице, меѓу народот познато како „туѓа нега“. Ве молам туѓа нега е навистина непристоен назив. На овој проблем, посебно ќе се ангажирам периодот. Нашите информации велат дека постојат сомневања за злоупотреби и неосновано одземање на истата од граѓаните на кои им е најмногу потребна. На таквите поплаки и реакции мора да се одговори. Ќе биде темелно прочешлано на кој начин и како се дадени согласностите за нега на трето лице, но и на кој начин се одземани и не се доделувани овие права. 8500 заглавени предмети укажува на тоа дека системот не функционира, дека има луѓе на кои им е потребна помош во овој момент, а не ја добиваат.“

Мизрахи потенцира дека во јавноста се прави и манипулација со опфатот на деца во предучилишно образование.

„Беше кажано дека до 50 проценти ќе се зголеми опфатот на деца од предучилишно образование. А пред некој ден, беше изнесено дека дури и 100 % зголемување на таа иста бројка. Не само што не стигна до 100 проценти, туку реалните бројки се далеку помали. Ова е само незначителен дел од неработењето на ова министерство за проблеми. Заради тоа, на моја иницијатива ќе се формира Комисија која ќе направи ревизија на сработените работи и ќе ги утврди сите неправилности кои се направени изминатиот период.“

-Од Министерство на проблеми, мора да станеме Министерство за решенија. И конечно би ве замолила идеолошките разлики мора да престанат да бидат причина за омраза и оцрнување. Да се престане со обиди за подбуцнување на граѓаните преку имагинарни проблеми, имаме реални проблеми за решавање. Тимот на ова министерство се и секогаш ќе бидат граѓаните на Република Македонија, подвлече Мизрахи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.