Денес, со почеток на Самитот во Лондон, ќе се одбележи 70-годишнината од формирањето на НАТО. На овој НАТО Самит учество ќе земе и делегација од Македонија, која ќе седне на иста маса со лидерите на членките на Алијансата.
Владина делегација, предводена од премиерот во заминувањењ ќе учествува денеска и утре на лондонскиот Самит, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата.
Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади утре, на вториот ден од Самитот, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата.
По состанокот на Северноатлатскиот совет предвидена е прес-конференција на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Премиерот во заминување денеска, на првиот ден од Самитот ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера”, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата” (“NATO Engages: Innovating the Alliance”). На панелот говорник е и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.
Премиерот во заминување е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.
Скорешното полноправно членство во НАТО е реализација на стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година и овозможува идеални услови за зајакнат и забрзан економски развој.
Земјата ја дели само една ратификација од полноправното членство, за десет месеци Протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО е ратификуван од 28 од вкупно 29 членки. Во завршната декларација од Самитот предвидено е во посебен параграф да биде забележано дека земјата е добродојдена како 30 членка.
Во пресрет на самитот, минатата недела беше одржан коордиикациатнитативен состанок на кој присуствуваа министерката Шекеринска, шефот на дипломатијата Димитров и шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, полковник Зоран Јанкович.
За неколку дена во Лондон се организира лондонскиот лидерски Самит, на кој прв пат ќе имаме прилика да седнеме на иста маса со лидерите на најмоќната Алијанса во историјата на човештвото. Прв пат нема да дозволиме некој друг да дискутира за нас, туку ние ќе седнеме на масата, на која се носат одлуки кои имаат важност во светски рамки, нагласи Шекеринска.
Димитров истакна дека веќе е подготвен нацрт-закон за ратификација на Северноатлантскиот договор. Потсети дека неодамна учествувал по втор пат на министерски состанок на ниво на шефови на дипломатии на земјите од НАТО во Брисел.
Укажав дека нашиот ентузијазам го насочуваме во завршување на реформите, ја почитуваме заложбата во однос на споделувањето на товарот, како што кажа генералниот секретар Столтенберг, убаво е да се има пријатели, моќни пријатели, рече Димитров.
Според Јанкович, по официјалното членство, земјата треба да продолжи да работи во насока на интеграција на структурите на Армијата, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи.
Ратификацијата на Протоколот останува да биде завршена уште во Шпанија, каде на почетокот на минатиот месец се одржаа избори, но таму треба да се формира новата Влада.
Откако Протоколот ќе го ратификуваат сите земји членки на Алијансата, останува документот со кој се официјализира нашето членство да биде ратификуван и во Собранието на Македонија, но неизвесно е дали тоа ќе се случи пред или по изборите, кои според договореното треба да се одржат на 12 април.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.