На предлог на Организациониот одбор Владата на својата редовна 146-та седница ја утврди Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август Илинден.
Слоганот под кој се обединети сите чествувања, е „Сите сме деца на Илинден“ како концепт кој ги опишува заедничките вредности кои сите ги славиме, празнуваме, кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава, соопштуваат од Владата.
Свеченостите по повод Денот на Републиката започнуваат со активностите на претседателот Стево Пендаровски, кој заедно со делегациите ќе положи свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев и ќе се поклонат пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов Ченто.
Претседателот Пендаровски заедно со Сојузот на борците ќе положи цвеќе на Алејата на славните, по што ќе следува прием за гостите и за делегацијата на борците во претседателската вила на Водно, каде што Пендаровски и претставник на Сојузот на борците ќе имаат и свои обраќања по повод празникот.

Одбележувањето на празникот истиот ден се чествува и во Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце. На свеченоста по повод Денот на Републиката – 2 Август, и по повод 75-годишнината од првото заседание на АСНОМ ќе говори претседателот на Собранието Талат Џафери, по што следува културно-уметничка програма.
Централната свеченост по повод државниот празник во Крушево ќе се одржи на Мечкин Камен. По положувањето свежо цвеќе на споменикот на Мечкин Камен, следува обраќање на претседателот на Владата Зоран Заев. По обраќањето е предвидена и свечена културно-уметничка програма.
Како дел од Програмата за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август, се и активностите во Смилево, со кои ќе се одбележат 116 години Илинден и 77 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“. Свечената програма предвидува положување на свежо цвеќе на спомен обележјата, по што следи посета на меморијалниот музеј Смилево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.