Првите луѓе на Олимпискиот Комитет Васил Топурковси и генералниот секретар Сашо Попоски уште еднаш покажаа дека олимпиското движење го сфаќаат како нивна приватна забава и фамилијарен бизнис, рушејќи ги сите начела на олимпизмот со недозволување на демократија, јавност во работењето и нормално спортско функционирање, обвинуваат 18 спортски федерации.

Ние, како спортски федерации од олимписките спортови во Македонија, веќе неколку години се бориме за да се смени овој начин на функционирање на Олимпискиот Комитет, а случувањата од последниве неколку дена уште еднаш ни потврдуваат дека нашата борба е оправдана.

Ние само бараме коректно изборно собрание по сите законски норми, без сопки и игранки од секретарот Поповски. А во духот на олимпизот нека победи подобриот.

Прекршувања на Статутот, злоупотреба на законите, но и заобиколување на олимписките начела има многу, но ќе наведеме само неколку

Прво, Управниот одбор самостојно презема ингеренции на Собранието и се стави над над него како највисок орган, со донесување на ограничувачки и дискриминаторски критериуми при кандидирање што е незаконски и не е предвидено во Статутот.
Второ, затоа што се прифаќа како делегат во Собрание претставник на непостоечка пливачка федерација, а не се прифака претставник од законската федерација, која е запишана во Централниот регистар.
Трето, на чуден начин на 24 часа пред одржувањето на Собранието, нестатутарно е доведена во прашање кандитурата на еден од кандидатите, со што е направено грубо прекршување на изборниот процес.
Четврто, од страна на Олимпискиот Комитет се испраќаат полномоштва до Федерациите, за тоа кој треба да биде делегат од Националната федерација, наместо Федерациите кои се членови на Собранието сами да си го определат претставникот.

Заради сите овие прекршувања и злоупотреби и нашите очекувања тие да продолжат и на денешното Собрание, а изборот да се претвори во фарса креирана од Тупурковски и Поповски, сакаме да ги предупредиме дека нема да го толерираме тоа и ќе бидиме принудени да поднесеме кривични пријави за злоупотреба на службена положба и фалсикување, најавуваат 18 спортски федерации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.