Состанокот помеѓу членовите на Комисијата за заразни болести и работната група на Министерството за образование и наука за протоколите за реализација на наставата од 1 септември денеска поминал без заклучоци и ќе продолжи утре. Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска за МИА изјави дека се разговара за предлозите за времетраењето на наставните часови и за потребата од измени на законите доколку тие бидат скратени од регуларните 40 во основно односно 45 минути во средно образование.
Одлуката за скратени часови, како што рече, треба да има и правна рамка и да биде усогласена со законите за основно и за средно образование. Измените треба да ги донесе Собранието кое до 1 септември се очекува да биде функционално. Исто така, се разгледува и потребата што би ја имале општините од дополнителна финансиска или друга поддршка за хигиена на училишните објекти, за превоз на ученици односно за спроведување на сите инструкции што ќе ги содржат протоколите. Тие ќе имаат детали за три вида настава во зависност од епидемилошката состојба во одредена средина – со физичко присуство, онлајн-настава и комбинирана.
Наумовска посочи дека постојано се во разговори со градоначалници и со директори на училишта за реалните состојби и проблеми, во координација се и со ЗЕЛС, ги добиле и мислењата на синдикатот за образование СОНК. Рече дека ако успеат да ги завршат консултациите, оваа точка може да биде на дневен ред и на утрешната седница на Владата.
Претходно соопштение прати Министерството за здравство во кое извести дека денеска не биле донесени заклучоци во однос на овие прашања, дека разговорите продолжуваат и во наредните денови со цел, како што наведе „ да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата“.
Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес. Сепак, финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука. Разговорите меѓу Комисијата за заразни болести и МОН продолжуваaт утре, соопшти Министерството за здравство.
Заменик-министерката во јули вети дека сите детали за учебната година ќе се знаат и ќе бидат готови до 10 август.
Нема потреба за паника. Има модели, треба да се усогласат и не е ништо задоцнето, порача тогаш таа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.