Бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи кој ја предводеше бугарската делегација на одбележувањето на 151 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев изрази очекување дека следната година заеднички со неговиот македонски колега Оливер Спасовски ќе положат цвеќе на гробот на великанот во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Нам ни беше даден термин од 13 часот и 30 минути, дојдовме и направивме се што беше договорено. Му предложив на министерот Спасовски да положиме цвеќе заедно бидејќи мислев дека тоа е правилниот начин затоа што мислам дека апостолот Гоце Делчев заслужува токму такво чествување и се надевам дека на следното чествување тоа и ќе се случи, вели Демерџиев.  

Прашан за засилените безбедносни мерки под кои се одвиваше чествувањето на раѓањето на Делчев, тој оцени дека нема потреба од како што вели, вакви драконски мерки.

(фото: МИА)

Јас не мислам дека такви безбедносни мерки се неопходни затоа што односите меѓу нашите два народа не бараат вакви драконски мерки на кои што сведочиме. Всушност безбедноста треба да означува сите кои што сакаат да дојдат слободно да можат мирно да оддадат почит на Гоце Делчев. За жал, има податоци дека поголем број бугарски граѓани беа спречени на граница тоа да го направат. Заемното почитување какво што ние го декларираме кон народот на Македонија е тоа што добив уверување да им се даде можност на сите да дојдат и да изразат почит на апостолот Гоце Делчев, рече Демерџиев.

Во однос на тоа колку бугарски граѓани биле вратени од граница, првиот бугарски полицаец изјави дека во моментов нема информација колкав е нивниот број, но добил информација од министерот Спасовски дека дошло до пад на системот за контрола на патници на граничните премини. За да нема такви проблеми во иднина, најави дека три генератори уште во понеделник ќе му бидат донирани на македонското МВР.

Тие ќе бидат дадени точно за тие три гранични премини за да нема такви проблеми во иднина, Но за жал, разбрав дека проблемите продолжиле и по рачната обработка на докумените. Таквото однесување е неприфатливо. Тоа не соодветствува на заложбите на нашите два народа и нема потреба од вакви, би ги нарекол провокации, рече Демерџиев.

Според него, патот напред е кон обединета Европа.

Ние треба да го најдеме патот напред, патот кон обединета Европа. Обединета Евопа претпочита стабилност, заемна доверба и почит. Ние политичарите на двете земји сме должни, да изградиме таква заемна доверба и почит каква што има меѓу народите на двете држави, вели Демерџиев.

За тоа дали на граница дошле европратеникот Ангел Џамбаски и пратеникот и претседател на „Преродба“ Костадин Костадинов кои предизвикаа инцидент во Скопје за време на чествувањето на споменот на Мара Бунева, Демерџиев рече дека и двајцата не се стигнати до границата.

Разговорав со нив и изричито ги замолив да останат во Бугарија, додаде тој.

Ние не смееме да правиме провокации. Дојдени сме да оддадеме почит, а не да создаваме провокации и тензии. Според мене тоа е правилниот пат. Не смееме да подлегнеме на провокации. Целта на тие провокации е да не разделат. Ние немаме причина да се разделуваме. Ние сме соседи, народи кои традиционално се почитуваат и тоа така треба и да продолжи, истакна бугарскиот министер за внатрешни работи.  

Во однос на листата на бугарски државјани на кои денеска им бил забранет влез, а за која претходно Демерџиев рече дека е мошне мала и дали постои можнот за реципроцитет за македонски државјани, нагласи дека Бугарија е држава, која го почитува редот. 

Кога дојдоа граѓани на Република Македонија на чествување во Благоевград беа пуштени сите да положат цвеќе на спомениците во местата коишто сакаа да ги посетат и јас очекувам реципрочно точно такво однесување од властите на Република Македонија. Очекувам од секој бугарски граѓанин што ќе пристигне да положи цвеќе и да се врати без да има какви било интервенции врз нив, рече тој.

Во врска со тоа како ги коментира изјавите на некои бугарски политичари, дека „Македонија е Бугарија“, тој рече дека Бугарија е првата држава која ја признала Република Македонија и нагласи дека тој нема намера да коментира такви шпекулации.

За нас е јасно дека Република Северна  Македонија е самостојна држава и јас како претставник на бугарската држава се однесувам со целосна почит кон македонската држава и македонскиот народ, рече Демерџиев. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.