Австрискиот канцелар Себастијан Курц ги отфрли обвиненијата на обвинителството за економски криминал против него и неколку други високи членови на владејачката Австриска народна партија (ОВП) во истрагата на проневера и корупција и истите ги нарече фабрикувани.
Сега имаме нови обвинувања и повторно станува збор за изградени обвинувања според истата шема: овде СМС-пораките се фрагментирани, сместени во погрешен контекст и околу сето тоа се плете правно-криминална конструкција – изјави Курц.
Тој потсети на обвинувањата на негова и сметка на министерот за финансии, Гернот Блумел, за време на истрагата за таканаречениот „Ибица скандал“, што подоцна се покажа за неточна.
Државното обвинителство за економски криминал изврши претрес во неколку министерства, како и во самата канцеларија на Курц заради истрагата за сомневањето за проневера и корупција против Канцеларот и девет други политичари, вклучувајќи и неколку негови блиски соработници.
Постои сомневање дека средствата за даноци од Министерството за финансии се потрошени за манипулативни анкети, што биле мотивирани од партијата. Резултатите од овие истражувања потоа биле објавени во таблоидот „Остерајх“ и други медиуми од овој концерн, а се со цел да се создаде политичка предност за Курц – соопштија од обвинителството.
Како противуслуга, Министерството за финансии изнајмувало рекламен простор во истите медиуми.
Наводите се однесуваат на периодот од 2017 година пред Курц да стане шеф на ОВП, а подоцна и канцелар.
Против Курц веќе се води истрага под сомнение дека дал лажна изјава пред парламентарната комисија која се занимаваше со „Ибица скандалот“, што доведе до соборување на коалициската влада на Народната и либералната партија и оставка на поранешниот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.