Јас не сакам да се плаче во мојот филм, рекол македонскиот филмски режисер и сценарист Кирил Ценевски на една затворена проекција на пред премиерата на „Црно семе“.

На повеќето, посебно на Илија Пејовски им е позната приказната зошто во „Црно семе“ нема музика, а се планираше. Дури и плериминарно беше договарано со грчкиот композитор Теодоракис. На крајот требаше Илија Пејовски да ја прави музиката. Сепак, конечното решение е на одјавната шпица да оди песната ‘Со маки сум се родила’. На една затворена проекција, пред премиерата, Ценевски забележал дека некој во публиката пролелал солзи и децидно барал да нема музика. Јас не сакам да се плаче на мојот филм. Така „Црно семе“ остана без ниту една нота. Музиката во „Црно семе“ ја правеа копачите, штурците, брановите, тишината, рече Влатко Галевски, филмскиот критичар денеска во Кинотека на Македонија каде што беше промовирано ДВД изданието на играните филмови на Ценевски.

„Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“ се четирите дигитално реставрирани долгометражни играни филмови во оваа уникатна колекција, а посебни додатоци има со избор на сцени, биофилмографија, автори и соработници, фотогалерија, содржина, резиме и извадоци од печат.

На промоцијата присуствуваа Лазар Ристовски, српски актер со македонско потекло и македонската актерка од Хрватска, Костадинка Велковска, како и гости од филмската фела, актери кои играле во неговите филмови, продуценти, композитори.

Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија. Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм, ‘Црно семе’ , ги освои не само најважните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали, рече директорот на Кинотеката Владимир Ангелов.

Професијата режисер е да знаеш да бараш нешто да се направи, а не да покажуваш како нешто се прави. Никогаш немој да ги учиш глумците како да глумат, снимателот како да снима. Правило кое Ценевски го запамети од едно од предавањата на американскиот продуцент и сценарист Роберт Вајс, рече Галевски во неговото обраќање.

Ценевски е самосвесен човек и уметник. Причините за својот креативен рез, делумно ги наоѓа и кај себе, но и во некои објективни околности.Тој го врза филмскиот јазол за кој никогаш не го најде Дамакловиот меч за да го пресече. Можеби оттаму е неговата понатамошна тивка реизгнација, неговиот креативен пацифизам, неогвата уметничка дефанзива. Тој буквално сам се избори да влезе во филмот, како аматер во друштво на Окан, на Карлос Веро, на Илинденка, со луѓето од својата генерација, со Стефче Ацевски, Зафир Хаџиманов, па подоцна како асистент во ТВ Скопје, како асистент на белградскит режисер Славољуб Стефановиќ Раваси. Токму Раваси го пофали со реченицата: Ако ви се волку талентирани асистентите, какви ли ви се режисерите?“, рече Галевски.

Според филмскиот критичар, Ценевски во своите филмови е бунтовник, но кон прагмите и конвенциите. Неговите филмови се отпор кон рамките на уметноста и животот.

Заразата од филмовите кај Кирил продолжува. Тогаш почувстува дека од ова поднебје може да се изнедри филмска приказна за суровоста, жестокоста, поетиката, онака без резерви и скруполи. На неговото уметничко патешествие тоа ќе биде главениот курс. Насловите на неговите филмови сликовито зборуваат за жанровската разноликост и тематска коизистентност. Црно е бојата што е доминантна. Јадот е човековото проклетство. Оловно тежок е патот по животните коридори, и јазолот како метафора на компликуваниот свет во кој живееме. Таква е перцепцијата на душевната и физичката тескобност на режисерот Ценевски, вели Галевски.

Галевски се присети на еден разговор со режисерот од пред 30 години

Во една прилика ми рече: Чувството за припадност на еден народ не може да го градат политичарите. Нивна задача е да создаваат услови во кои тоа чувство ќе се гради. Неверојатна антиципација за актуелните превривања денес во Македонија. И ќе додаде: Политичарите треба само доследно да ги применуваат инструментите кои се користат во цивилизираните држави, а со кои ќе го штитат идентитетот на една култура, рече Галевски.

Според него, Ценевски пред „Црно семе“ бил миленик. По „Јазол“ бил во немилост, но неговата оставштина го победи времето.

Уметноста едноставно не може се уништи. За Ценевски филмот е цивилизациски дијалог. Уметноста на Ценевски едноставно не трпи ниту ламентирање, ниту еуфорија. Таа е само силен аргумент и документ кој е вечна борба со кичот и невкусот, чисто и вредно културно наследство, смета Галевски.

Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија. Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм, „Црно семе“, ги освои не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали.

Четирите играни филмови на Ценевски се посебни по тоа што секој од нив припаѓа на посебен жанр, со широк дијапазон на теми: логорска драма („Црно семе“), историски и библиски мотиви („Јад“), современ социјален ангажман („Оловна бригада“), воена психолошка драма („Јазол“).

Сите четири играни филмови имаат сложена продукциска задача, бидејќи нивното дејствие изискува креативна реконструкција на поблиската („Црно семе“ и „Јазол“) и подалечната историја („Јад“) или, пак, дејствието се одвива на необично место (рудникот во „Оловна бригада“) , прилично тешко за реализација според стандардните рамки.

Ценевски (76) со години не се појавува во јавноста, а не застанал зад камерата повеќе од три децении. Неговиот (пре)долг авторски молк можеби е уште една причина за навраќање на овој, по многу нешта исклучителен, филмски опус.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.