Зоран Пејковски за поетската книга „Убавите жени“ ја доби наградата „Ацо Шопов“ за 2022-ра, која Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) ја доделува за најдобра книга поезија во претходна година.

Одлуката ја донесе комисија во состав: Зоран Анчевски (претседател) и Мерсиха Исмајлоска и Славе Ѓорѓо Димоски (членови). Во потесен избор за оваа награда биле и стихозбирките „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска и „Позлатено распетие“ од Ивица Челиковиќ.

На конкурсот на ДПМ за наградата „Ацо Шопов“ пристигнале 16 книги, од кои три не ги задоволиле бараните критериуми, така што во трка останале 13 поетски книги од 11 автори од различни генерации.

Во образложението за одлуката жирито наведува дека книгата на Пејковски, структурирана во четири поетски циклуси, како целина нуди една заокруженост со јасна тематска преокупација и идеја, фокусирани на убавината како универзална човечка димензија и дека таа изобилува со впечатливи поетски слики поместени во сферите на љубовното, еротското, чувственото.

Низ целата книга се разлева топол лирски склад кој потсетува не само на класичното и на традиционалното, туку и на пеење што ги задоволува узусите на модерната поетика, рече Анчевски, претседател на комисијата, на прес-конференција на која го прочита образложението.

„Убавите жени“ на Пејковски, истакна Анчевски, е стихозбирка со складен и затоа навидум лесен поетски израз што изобилува со богати поетски слики и метафори, како и со свежи звуковни и ритмички решенија.

Поетот вешто ги избегнува замките на благуњавиот лиризам и сентиментализам што е постојана закана за ваков вид поезија и иако на моменти се приклонува кон нешто полесни, клишеизирани решенија, сепак општо земено, целата книга импонира со својата компактност, читливост и приемчивост, се наведува во оценката на жирито.

Авторот лауреат Пејковски не присуствуваше на соопштувањето на одлуката и за наградата „Ацо Шопов“ се заблагодари со пишана изјава. Во неа напиша дека радоста е уште поголема затоа што наградата ја добива во јубилејната година – кога се одбележува еден век од раѓањето на Шопов, а и затоа што претседател на жирито е проф. д-р Зоран Анчевски, како што вели „еден од најзначајните поети во македонската, европската и светската литература“.

Им благодарам и на останатите членови на жири-комисијата кои со својата професионалност и строгост во оценувањето се одлучија наградата „Ацо Шопов“ да ја добијат „Убавите жени“. Им благодарам и на моите прекрасни рецензентки, проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер и д-р Лилјана Пандева, две големи и значајни авторки во македонската книжевна и научна мисла, кои на збирката песни „Убавите жени“ ѝ дадоа една магично безвремена женска аура, додаде Пејковски.

Наградата ќе му биде врачена в понеделник, 13 февруари, кога писателската асоцијација ќе одбележи 76 години од основањето. На традиционалната свеченост, во 11 часот, ќе бидат врачени и останатите три годишни награди на ДПМ за најдобри книжевни остварувања во 2022: „Димитар Митрев“ за есеистика – на Соња Стојменска-Елзесер, „Стале Попов“ за проза – на Венко Андоновски и „Ванчо Николески“ за книга за деца – на Ели Маказлиева.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.