Во присуство на многубројни спортисти и некогашни шампиони, новинари, коментатори и љубители на спортот, во Скопје беше промовирана книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов. Книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“, содржи помалку познати приказни за успесите на македонските спортисти низ историјата и за средбите со светските спортски асови.
Објавувањето на „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ ми носи голема радост и ја надополнува мојата 55-годишна кариера како спортски новинар и коментатор. Оваа книга за мене е од големо значење. Не беше лесно од мноштвото материјали, што ги собирав низ годините, да се избере кои ќе бидат дел од мојата прва книга. Верувам дека ќе има и втора, а можеби и трета книга, зашто спортот е непресушен извор за новинарите и коментаторите. Во селекцијата приоритет им дадов на најважните настани од втората половина на XX век, кога во рамките на поранешната држава македонскиот спорт го подигна својот квалитет. Во книгата се споменати македонските спортски легенди и основоположниците на некои спортови, кои сметав дека не треба да ги заборавиме, вели Михајлов.
Уредничката на книгата, Бисера Бендевска, ја истакна важноста на постоењето на „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“, и ги пренесе личните импресии од процесот на подготовка на изданието:
Зоран Михајлов, кој како новинар и хроничар, се погрижи и речиси со истата енергија сè уште се грижи да ги одржи свежи нашите сеќавања за успесите на македонските спортисти низ историјата, но и одблиску, да ни ги претстави светските спортски асови со коишто имал прилика да воспостави непосреден контакт. Оттука, вредноста на неговото прво книжно дело е непроценлива и за тоа треба да сме му благодарни. По оваа книга, се чувствувам побогата за едно големо уредничко искуство, и посодржајна за сите податоци што ги дознав читајќи ја Спортски стории и слушајќи ги проширените верзии на приказните од Михајлов, додека макотрпно работевме на ова издание, истакна Бендевска на промоцијата.
Писателот Владимир Плавевски, кој е долгогодишен пријател и еден од најголемите поддржувачи на Михајлов за да ја објави книгата, рече:
Книгата „Спортски стории“ на авторот Зоран Михајлов во издание на „Арс Ламина“ е одличен белетристички пристап кон спортот во нашата држава со осврт кон најголемите спортски величини во светот. Со задоволство можам да кажам дека бев еден од поттикнувачите тој да ја објави книгата. Пред една година, додека со издавачката куќа „Арс Ламина“ бевме во фаза на објавување на мојата книга раскази „Динга Стоп“, се роди идејата да објави книга со сите свои собрани материјали. Драго ми е што излезе ваква книга за спортот, што е ретка ексклузивност на нашите простори. Со неа, Зоран Михајлов, повторно ќе нè восхитува со својот авторски пристап кон нашите спортски и светски легенди, рече тој.
Промоторот на книгата, Горан Манчевски, кој е уредник во весникот „Нова Македонија“, рече дека: „оваа книга е спортската литература, но и спортската лектира“.
Книгата на Михајлов е уникатен спој на аглите на гледање на нештата, бидејќи тој ги знае сите три страни ‒ таа на врвен спортист за кого пишуваа, потоа на новинар со остро перо, како и таа на спортски работник кој ги креираше успесите. Згора, тој досега известуваше од рекордни 15 олимпијади (9 летни и 6 зимски), од повеќе од 80 светски и европски првенства во речиси сите спортови, реализира илјадници ТВ-преноси. А сето тоа е, ќе признаете, огромен материјал, од кој еден дел сега е пред вас, откако помина низ перото на Михајлов, вљубен во луѓето, средбите и во пространствата, во постојан обид да дознае нешто ново, а случките да не ги изеде заборавот. Оваа книга зрачи со сето тоа. Читајќи ја книгата ќе почувствувате фудбалска треска, ќе дознаете за боречките почетоци, ракометните никулци, првите кошаркарски чекори, за хероите на разбрануваните води и уште многу други приказни. На страниците ве чека и драма ‒ како на пример онаа минхенската, Хичкоковски заплети и неверојатни расплети, животни приказни, вистински авантури, како, на пример за едно патување со „фиќо“ до Хелсинки, но секако, и многу резултати, но и уште поважно од тоа, ве чекаат приказните за тоа што им претходеше и што следеше по успесите, неуспесите, мечевите, тренинзите, на кратко ‒ за тоа како се создаваше македонската спортска историја, рече Манчевски во освртот.
Михајлов зенитот на својата медиумска кариера го достигнува во Македонската радио-телевизија (МРТ), каде што е еден од новинарите што ги поставуваат темелите на спортското коментаторство во нашата земја. По пензионирањето, не мирува: ја уредува и ја води емисијата „Македонски спортски легенди“ на „Наша ТВ“, редовно објавува колумни во дневниот весник „Нова Македонија“, пишува за порталот „Улица.мк“ и подготвува нов проект на „Радио РФМ“.
Малкумина знаат дека Михајлов во младоста бил одличен атлетичар, државен рекордер и првак на Македонија и на поранешна СФР Југославија. Истовремено бил и активен кошаркар. За сите постигнувања во спортот и во новинарството добитник е на повеќе награди и признанија. Меѓу другото, добитник е и на државната награда „8 Септември“ и наградата на Град Скопје, „13 Ноември“. Михајлов се вбројува меѓу 50-те најистакнати атлетски новинари и коментатори во светот, што ја добиваат наградата од АИПС (Светска асоцијација на спортските новинари) за професионално информирање, како и за афирмација на атлетскиот спорт.
Промоцијата беше збогатена со проекција на краток документарец посветен на долгогодишната кариера на легендарниот спортски коментатор Михајлов, што го подготви екипата на „Наша ТВ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.