На Струшки вечери на поезијата вчера се одржа Поетски портрет посветен на истакнатиот македонски поет, преведувач и универзитетски професор Зоран Анчевски, минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци” за стихозбирката „Небесна пантомима” како најдобра поетска книга објавена на македонски јазик помеѓу два фестивали. За неговото дело говореше Оливера Ќорвезировска.

…станува збор за автор, за поет кој ја кали песната и не ја објавува недокалена. Ако во постарите збирки, па и во новата, беше во постојана потрага по вистинската придавка за песна, за личната песна над песните (сериозна, ангажирана, силна, писмена, чиста, жива, совршена…), можеби токму сега е вистинскиот момент да му ја потшепнеме можната придавка калена. Зоран Анчевски е поет на калена песна, порача таа.

Веднаш по Поетскиот портрет на Анчевски, настан на кој авторот ги читаше своите песни на македонски и авторскиот препев на англиски, се одржа промоцијата, односно поетското читање, за петтемина номинирани за годинашната награда „Браќа Миладиновци”: Митко Гогов, Јовица Ивановски, Наташа Сарџоска, Билјана Стојановска и Катица Ќулафкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.