„Знам луѓе што работеле без успех, но не знам некој што успеал без работа“, велеше поранешниот директор на Кинотека Борис Ноневски, за кого Кинотека во петокот организираше комеморативна седница.
Ноневски почина на 73 години по долго боледување на 30 јануари, а беше погребан следниот ден, на 31 јануари, на гробиштата во родниот Претор.
Актуелниот директор на Кинотеката Владимир Ангелов се прости од Ноневски потсетувајќи се на деновите кога младите филмолози и техничари го учеле занаетот од него.
Ние од Кинотеката го познававме Борис Ноневски и како човек и како директор. Ја познававме неговата човечност и човечка слоевитост. Паметиме купишта негови изреки: „Платата ви е многу за работата, а малку за живеачка“ – велеше, „Бадијала извини, ако ми го изгори палтото“, „Знам луѓе што работеле без успех, но не знам некој што успеал без работа“, или „Напамет работано“. Со колегите бевме преместиле 3-4 тони филмови и доаѓа директорот и мислиме дека заслужуваме пофалба, кога тој вели „Напамет работано“ се врти и си оди. Утредента повторно истото… Борис, зашто не беше едноставен и како човек, никогаш не прашуваше едноставно „како си“, тој велеше: „Пиле, со што си ја мачиш душичката“? Често кога ги „карам“ помладите колеги ја користам неговата „она што на други им е хоби, вас ви е работа“, рече Ангелов на комеморативната седница пред членовите на семејството на Ноневски, колегите и пријателите.
Ноневски (1948-2021) беше истраен истражувач, посветен филмолошки работник, голем вљубеник во филмот и во својата земја, неверојатен соговорник, врвен интелектуалец, човек кој со своето дело остави трајна трага во македонската култура, а особено ја задолжи Кинотеката на Македонија, како нејзин долгогодишен директор.
Пред членовите на семејството на Ноневски, колегите, пријателите и почитувачите на неговиот лик и дело се обрати Петар Волнаровски, раководител на одделот за истражување, издавачка, библиотечна и меѓународна дејност, кој изрази сочуство на сопругата Катерина и синот Вангел, и потсети на биографијата на Борис Ноневски и неговите заслуги за Кинотеката.
Новинарот Ѕвездан Георгиевски, догогодишен пријател и проследувач на дејноста на Ноневски како директор на Кинотеката, како врвен интелектуалец, но првенствено како човек и пријател.
Ноневски имаше уште една важна и ретка особина, а тоа е работливоста. Би рекол и перфекционизмот. Имав чувство дека внимава на секој детаљ, дека ги проверува и препроверува сите наводи и тези и дека ретко кога е задоволен од она што го создал. Не знам, ама убеден сум дека во неговата архива има уште необјавени трудови и текстови, а ова го тврдам затоа што знам дека Борис Ноневски, едноставно, секогаш мораше нешто да работи. Тоа беше начин на живот. Нам ни останува таа задача, овие трудови, ако постојат, да ги подготвиме за печат, не толку поради Борис Ноневски, туку поради нас. Нам ни се потребни. Велат дека основната смисла на животот не е да се проживее, туку да се живее во другиот. Тоа значи несебично да се дава и несебично да се нуди. Забележувате дека во оваа моја реч има премногу „јас“, ме има премногу мене. Тоа е затоа што Борис Ноневски живее во мене, а убеден сум дека живее и во вас, рече Георгиевски.
Борис Ноневски беше роден во 1948 година во Претор. По завршувањето на основното и средното образование, дипломира на Факултетот за политички науки во Белград, за да се вработи во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Од 1976-та година повторно е во Белград, сега како уредник во ренимираното и престижно теориско списание „Социјализам“, во кое свои текстови објавува интелектуалната елита на тогашна Југославија. И самиот Ноневски често пати е автор на текстови што предизвикуваат внимание и полемики во тогашната југословенска и македонска општествено-политичка и културна јавност.
Во 1987 година се враќа во Македонија, каде што е избран за директор на Кинотеката на Македонија, основана во претходната деценија. Ноневски беше директор на Кинотеката во два наврата, во повеќе мандати, во периодот од 1987-1998 година и од 2002-2007 година, сè на сè – повеќе од шеснаесет години.
Со своето доаѓање во Кинотеката, Борис Ноневски особено се посвети на она што беше негов примарен професионален интерес, особено ја збогати научно-истражувачката и издавачката дејност, преку организација на симпозиуми, со учество на ренимирани гости од земјава и странство и публикација на трудови, така што, дејноста на Кинотеката во тој поглед ја издигна на рамниште на своевиден филмски институт.
Под негово раководство, Кинотеката ја оформи својата организациска поставеност, односно беа формирани два оддела: Одделение за прибирање, заштита, обработка и чување на аудиовизуелни дела, односно Филмскиот архив и Одделение за јавна, научно-истражувачка и издавачка дејност, потоа оддел за пишувана и фотографска документација и одделот за чување и презентација на музејски експонати. Беше воведена и систематска и аналитичка филмолошка обработка и каталогизација на филмовите, а беа воспоставени и принципите на обработка, систематизирање, каталогизирање, организирање на фототеката и на оделот за музејски експонати. Особено е значајно што со доаѓањето на Ноневски на чело на Кинотеката, оваа национална институција многу се ангажираше во прибирањето на филмови и други филмски материјали и пишувана документација од интерес за историјата и културата на Република Македонија, како од соседните балкански филмски архиви, така и од странските кинотеки со кои соработуваше. Филмски материјали, но и друга придружна граѓа (фото архиви, пишувана документација, интервјуа итн.) беа прибирани и од речиси сите значајни македонски филмски работници…
Ноневски беше најзаслужен и за покренувањето на списанието за филм , списанието за историја, теоријата и културата на филмот и другите уметности – „Кинопис“, на чии страници во изминативе триесетина години свои текстови оставиле најзначајните филмски историчари, критичари, теоретичари и аналитичари од земјава и од странство. Под негово раководство започнаа и првите сериозни проекти за заштита на македонската филмска историја преку изработка на нови филмски копии, меѓу кои особено се истакнува заштитата на севкупниот филмски фонд на браќата Манаки. Ноневски е залужен и заради фактот што ние сме меѓу ретките земји во светот со изготвена и објавена интегрална филмолошка студија за целокупната национална играна продукција (Мирослав Чепинчиќ, ‘Македонскиот игран филм’, во два тома) и општа историја на светскиот филм (Георги Василевски, ‘Историја на филмот’, во четири томови).
Ноневски, како директор на Кинотеката, во 1993 година го организираше и првото интернационално издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Во 2006 година, Кинотеката го прослави својот триесетгодишен јубилеј со вселување во нови простории во библиотеката „Другарче“, со професионално опремена киносала, видеотека и специјализирана филмска библиотека, постојана музејска изложба, изложбена галерија, фототека итн. По комплетното реновирање и опремување со 35 мм филмски проектори, „сараунд“ аудио-систем и 136 седишта – на 10 октомври 2006 година започна редовната филмска програма во Кинотечното кино.
Во 2009 година, Владата на Република Франција на Ноневски му додели високо одликување, „Витез во редот на уметностите и литературата“, што Волнаровски го апострофира како „интернационална круна“ на неговата кариера.
Со неговото заминување Кинотеката на Македонија загуби искрен пријател и неуморен работник, а Република Македонија голем културен деец, кој остави траен белег во македонската културна и општествена јавност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.