Златко беше човек на светлината. Човек со насмевка, човек што знаеше да те сослуша, прегрне, да те прифати и да ти помогне, рече во искрениот и многу емотивен говор актерот Тони Михајловски, говореќи на комеморацијата на професорот по театарска режија и режисер Слатко Злавенски кој почина ненадејно во понеделникот.

Студенти, професори, актери, режисери, роднини и пријатели денеска присустуваа на комеморативната седница која се одржа во Факултетот за драмски уметности (ФДУ).

Доаѓаат мигови во животот што се спротивни на нашата професија кога на човек му е полесно да се расплаче отколку било што да каже. Обично кај глумците е обратно, полесно е да кажеме, отколку да заплачеме. Во вакви мигови човек се прашува дали треба да зборува за тагата, за празнотијата која е очигледна и те распорува од темето до петиците, или треба да зборува за онаа светла страна што човекот ја носи со себе. Бидејќи Златко Славенски беше човек на светлината. Човек со насмевка, човек што знаеше да те сослуша, прегрне, да те прифати и да ти помогне. Јас инсистирам да гледам на оваа посветла страна. Затоа што таа не ми ја исчезнува болката, но на некој начин ми ја ублажува, говорше со солзи во очите Михајловски.

За него Славенски значел многу во театарскиот живот, бидејќи бил човекот кој неколку пати му доверил големи задачи.

Па така, заедно ја будевме пролетта, заедно ги гледавме облаците и им ги баравме формите и го најдовме папокот на светот. А тоа беше љубовта. И омилена му беше онаа: ‘да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, ако љубов немам, тогаш ништо не сум’. За жал прашањето што ми го поставија на оваа сцена пред 30 години дали театарот е повеќе или помалку од животот, со вакви  случки го наоѓам одговорот дека животот е многу посуров од театарот. Кај нас во театарот, мртвите на крајот од претставата стануваат и се поклонуваат пред публиката и добиваат аплауз. А овде, поклонот е изоставен. Останува само аплаузот. Нека му е вечна слава и нека почива во мир. Очигледно дека таму некаде горе некој спрема голем проект, прави некаков кастинг на којшто очигледно сите сме повикани. Нека ни одѕвонува во ушите вечно аплаузот за сите негови човечки, режисерки, татковски, другарски остварувања, рече Михајловски.

Актерот на Македонскиот народен театар Ѓорги Јолевски во својот говор ја потенцираше неговата бескомпромисност во работата.

Оваа таканаречена реалност не ја прифаќаше. Беше како малечко дете, љубовта ја пренесуваше насекаде, рече Јолевски.

Лазар Секуловски, деканот на ФДУ рече дека Славенски го красеше скромност, едноставност, интелект, талент, упорност, пожртвуваност, стручност, трпение, разбирање, посветеност.

Ние сами носиме одлуки за нашата вистинска среќа и ја споделуваме со нашите блиски. Никој не нѐ обврзува да го сториме тоа. Постојат само големи луѓе кои како Златко ни укажуваат на таквиот пат. Пат кој чекорејќи трпеливо ги менуваше нештата, луѓето понекогаш во нашата тврдоглавост и нетрпеливост.
Тешко е да се пронајдат зборови кои ќе ја отсликаат целата убава и светла страна. Не бевме ни во можнос преку нашиот аудиовизуелен ракопис и израз да опфатиме сѐ, но искрено, се потрудивме да ја прикажеме огромната светла материја на нашиот Златко. И тоа што го прави исклучителен човек и значаен уметник, и почитуван и многу сакан професор, колега, пријател од доверба. Почитувано семејство и колеги, бидете исклучително горди што го имавте и знаевте и што беше дел од сите нас. Среќен ти пат пријателе во бесконечноста, рече со растреперен глас Секуловски.

Актерката Арна Шијак во збогувањето со Славенски рече дека најмногу би сакала да е на сцената, но како дел од сништата на Златко.

Како дел од неговата лична иконографија, драговолно ставена во служба на истражуавњето на човекот, светот, нашата заедничка љубов и вистина. Знаете, не секој автор се одважува на овие правци, не секој е подготвен да излезе од зоната на удобност, од проверената рецептура или веќе изгазените патеки, свои или туѓи. Па така и во театарот се издвојуваат световните од духовните творци, естрадата од уметноста, уличната од високата мода, евтиното од префинетото, баналното од интересното, рече Шијак.

Златко Славенски беше, е и ќе биде еден од малкуте духовни двигатели во нашето театарско постоење, еден ретките што се бавеа со театарот и додека спиеја и додека се будни. Еден од оние кои не можеа, а да не бават со еволицијата на тетарот, и сиот негов потенцијал.

Еден од ретките добронамерници во нашиот суров театарски бекстејџ. Еден од оние со кого муабетот беше секогаш контемплативен, секогаш врзан за театарот, а театарот е пресекот на светот во нас и околу нас, нешто што Златко добро го знаеше. Нашиот најголем театарски патник, секогаш подготвен за повисоките сфери, пред и нас сѐ беше добар човек. Навистина пчела на векот и затоа сите кои имавме чест да го запознаеме секогаш ќе го имаме овој недостиг. А во театарот, одржувајќи се на на нишката на нашата театарска историја, препознатлив и неповторлив автор. Ни го остави аманетот, да се работи чесно, да им се осветлува патот на сите содружници во патувањето што се вика претстава, да се биде благ и добар, да се биде буден и додека се сонува, да се љуби вистината и да се пребива во светлината. И затоа сме тука да се поздравиме, ама не и да се збогуваме со нашиот ѕвезден пријател Златко Славенски, рече Шијак.

Славенски (53) беше режисер на голем број театарски проекти, па се до денес има реализирано повеќе јавно изведени театарски проекти како што се „Безљубни“, „Сината птица“; „Инфинити“ „Кафкаски круг со креда“, „Соларис“, „Супернова“, „Бесови“, „Визија“, „Времеплов“, „И коњите ги убиваат, зарем не?“, „Побрзи од светлината“, „Спиро Црне“, „Летот на пчела околу една калинка, неколку секунди пред будење“, „Троил и Кресида“, „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, „Амадеус“, „Злосторство и казна“, „Пречистување“, „Време за сонување“, „Казабалкан“, „Будење на пролетта“, „Пер Гинт“, „Собрани дела на Вилијам Шекспир“, „Папокот на светот“ и други.

Во текот на својата кариера има добиено голем број награди: награда за најдобра претстава на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за претставата „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, награда на ревијата Екран за најдобра претстава „Амадеус“, награда на весникот Нова Македонија на МТФ Војдан Чернодрински за претставата Будење на пролетта, награда на весникот Нова Македонија за најдобра претстава на Фестивалот Охридско лето, за претставата Пер Гинт и многу други.

Покрај ова, неговите претстави се изведуваа во театри низ целата држава, а како режисер, во неговиот опус има и бројни корпоративни видеа.

Автор е на книгата „0,1 – Краток вовед во бесконечноста“.

До крајот на овој семестар, м-р Златко Славенски требаше да го одбрани докторскиот труд на тема „Адаптација на драма во филмско сценарио“ и да се стекне со звање Доктор по уметности.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.