На церемонијата што се одржа во просториите на Кинотеката на 14 октомври (среда), на која беа следени здравствените протоколи, на актерот и режисер Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ им беа врачени наградите „Златен објектив“.

Управниот одбор на Кинотеката во март годинава одлучи дека актерот и режисер Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ се годинешните добитници на наградата „Златен објектив“.

Гостите ги поздрави вишиот филмолог Петар Волнаровски, раководител на одделот за истражување, издавачка, библиотечна и меѓународна дејност.

Филмологот-советник д-р Атанас Чупоски одржа инспиративен осврт за лауреатите, темелно анализирајќи го уметничкиот и животен опус на Младеновиќ и Ангеловски, а директорот на Кинотеката Владимир Ангелов им врачи пригодни плакети и значки „Златен објектив“.

Ангеловски и Младеновиќ, заблагодарувајќи се на наградите, меѓу другото ја истакнаа и важноста на кинотечната дејност и програма во нивната професија. Филмскиот критичар Стојан Синадинов го модерираше разговорот со годинешните добитници на „Златен објектив“.

По повод својот роденден на 29 април, Кинотеката секоја година го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Оттаму „Златниот објектив“ се доделува во пролетниот период од годината, значаен за основањето на Кинотеката. За жал, заради пандемијата со КОВИД 19, манифестацијата „Златен објектив“ пролетва беше одложена.

Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева.

Никола Ангеловски – Коле (1943) е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Првите актерски улоги ги има уште како дете, во детската радио-драма и детскиот куклен театар, но на филм дебитира во 1962 година во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ. Дипломирал актерство на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, а од 1967 година па се до пензионирањето работи во Драмскиот театар во Скопје. Добитник е на голем број награди за своите филмови и улоги – филмски и театарски – и покрај Петре Прличко и Илија Џувалековски, е еден од македонските актери кој остварил најголем број на улоги во југословенската кинематографија, покрај домашната, македонската. „Битката на Неретва“, „Жед“, „Лито виловито“, „Да се дојде и остане“, „По Коњух планина“, „Македонска крва свадба“, „Оловна бригада“, „Јужна патека“, „Нели ти реков“, „Собирен центар“, „Црвениот коњ“, „Храненик“ се само неколку од многуте филмови во кои се појавува Ангеловски.

Во 1973 година го режира својот прв долгометражен игран филм „Татко (Колнати сме, Ирина)“, според романот на Живко Чинго, со Велимир Бата Живоиновиќ, Неда Арнериќ и Мето Јовановски во главните улоги, а во 1988 и 2017 година филмските комедии „Викенд на мртовци“ и „Ах љубов моја“.

Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е филмски и театарски костимограф, моден дизајнер и автор. Дипломирала на отсекот по сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 г., по што се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за тв-серии, драми и забавно-музички емисии. Истовремено работи костими и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театрски претстави (во Драмски театар, Кумановски, Битолски театар, Театар на националности, Театар „Пралипе“, итн.). Во 1977 г. специјализира изработка на костим на Школата на синдикалната комора за висока мода во Париз, и почнува поинтензивно да работи во македонската текстилна индустрија и конфекција. Подоцна предава Историја на облека и Модно креирање како доцент на ФЛУ и вонреден професор на ТМФ, каде што се пензионира.

Автор е на костимографски решенија за повеќе од 90 филмски, телевизиски и театарски проекти, како и на 200-тина историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Археолошкиот музеј во Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.