Националната оперска и балетска куќа ја имаше честа да промовира книга и изложба посветена на човекот кој целиот свој работен век го помина придонесувајќи во процесот на поставување оперски и балетски претстави, создавајќи успешни и уникатни сценографски решенија. Таму, вчера беше промовирана книгата „Сценографското дело на Живојин Трајановиќ“ од проф. д-р Владимир Величковски и изложба од уметничкото творештво на академскиот сликар-сценограф Живојин Трајановиќ.


Содржината на монографијата издадена во 2018 година и изложбатата опфатија информации за творечкиот процес на Трајановиќ, како и идејни решенија за голем број претстави, презентирани во вид на скици. Концепциски е поделена на оперски, балетски и драмски дел. Содржината на книгата насловена „Сценографското дело на Живојин Трајановиќ“ и изложбата имаат навистина голема вредност и значење. Монографијата има повеќекратно значење, бидејќи е документиран преглед за неговиот личен уметнички израз, 40 годишна плодна работа и истовремено сведоштво за голем дел и голем временски пероиод од развојот на македонската сценографија. Со реализацијата на 29 сценографии за оперски и петнаесетина за балетски претстави, со неговиот уникатен пристап, соработка со реномирани македонски но и странски режисери, Живојин Трајановиќ остава важен белег во работата на оваа институција и македонската сценска уметност – воопшто.
Оперските солисти Славица Петровска Галиќ, Марјан Николовски, Васко Здравков со пијано придружба на Јанинка Невчева и балетскиот солист Ивана Коцевска настапија во рамки на кратката музичка програма, што беше дел од свечениот настан. Свое видео обраќање, со цел да ја поздрави убавата соработка и да го сподели нејзино лично видување за сценографиите на Трајановиќ имаше и поранешната првенка и уметнички раководител на балетот, Катерина Кипроска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.