Маестро Сашо Татарчевски и Женскиот младински хор при МКЦ се подготвуваат за следната концертна програма која ќе биде изведена во февруари идната година во големата сала на Филхармонија. На концертот ќе гостуваат и хорови од Русија, а во меѓувреме се планирани изведби на постоечката програма во други градови низ државата.

Од 18 до 20 октомври, на покана на Српскиот хорски сојуз, Женскиот младински хор при МКЦ под раководство на маестро Татарчевски беше гостин на вториот младински хорски фестивал во Нови Сад, Србија.

Хорот активно учествуваше во подготовката и изведбата на десетина композиции кои се изведуваа заеднички од сите хорови и фестивалскиот оркестар со окулу 500 учесници на сцената на преубавата Синагога. Освен тоа, нашиот хор беше единствен кој имаше и самостоен настап пред публиката и учесниците на фестивалот. Како и секогаш при претставувањата во странство, настапот беше проследен со бурни аплаузи и овации на, очигледно, пријатно изненадената публика, велат од Женскиот младински хор.

На четврти ноември маестро Татарчевски и Женскиот младински хор при МКЦ одржаа концерт во рамки на манифестацијата „Есенски музички свечености“ и понуди програма со високо квалитетни хорски аранжмани на музика од филм, џез стандарди и популарни поп хитови во акапела изведба и во придружба на пијано. На концертот голем дел од хористките се претставија и во улога на солистки, а извонредната атмосфера ја надополни многубројната публика која знаеше да ја цени квалитетната изведба, па со овации го врати хорот на бис.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.