Денеска во НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје, Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) ќе одржи настан со неколку различни содржини и тоа: промоција на публикација, конференција и изложба кои во фокус ги имаат жените во историјата и историографијата на жените во периодот помеѓи двете светски војни.

Настанот ќе започне со промоција на публикацијата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“, која нуди авторски текстови и систематизирана библиографија за појавноста и видливоста на жените во печатените медиуми од меѓувоениот период.

Веднаш потоа ќе следи и конференција на тема: „Регионални искуства на архивирање и изучување на историјата на жените во печатената култура – патишта на зачувување и споделување“.

Во текот на целиот ден во петок на 29 октомври во НУБ присутните ќе имаат можност да ја погледнат и изложбата на визуелната уметница Христина Иваноска на тема „Музеј на женски приказни“ започната во 2015 година. Христина Иваноска создава интердисциплинарни дела преку кои ги истражува прашањата поврзани со потиснувањето, контролата и градењето на колективната меморија во однос на стратегиите и политиките на отпор на жените, критички осврнувајќи се кон искуствата на денешните социјални и политички системи и нивната поврзаност со теоријата и историјата.

Настанот се организира во рамки на проектот Архиви на невидливите, поддржан од Фондација Хајрих Бел, Министерство за култура и Град Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.