Актерите од струмичкиот театар не се согласуваат со изборот на новиот директор. Според нив  назначувањето на актуелниот директор на градинката во Струмица, Васил Бубев за прв човек на центарот за култура Антон Панов е несоодветен. Велат дека немаат ништо против личноста, но сметаат дека  тој не ги исполнува критериумите објавени во конкурсот од страна на министерството.

Еден од тие критериуми е кандидатите да имаат минимум пет години искуство во културна институција и работено на проекти во областа на културата. Избраниот кандидат Бубев, наставник по физичка култура според своето формално образование и досегашен директор на ЈОУГ Детска Радост Струмица не го исполнува тој критериум за разлика од другите двајца кандидати кои го исполнуваат тој критериум,  вели актерот Ване Василев

Актерите бараат повлекување одлуката и распишување нов конкурс, но и средба со министерката.

Ако ги зело во обзир документите ќе видело министерството, поготово во мојата биографија пишува дека јас сум се уште член на театар Антон Панов Струмица, а и во моето мотивационо писмо пишува дека јас сум долгогодишен член и ги познавам работите од внатре, вели Оливера Аризанова Мансбарт – Кандидат за директор на Нуцк Антон Панов

Од министерството за култура информираа дека  избраниот кандидат ги исполнува општите и посебните услови од огласот. комисијата за селекција на кандидати одлучувала по три пријави, но  двајца од нив ја немале доставено потребната документација за огласот. Не доставиле ниту  сертификат за познавање на англискиот јазик, а едниот од нив немал доказ дека е познат во јавноста како јавен општествен и културен работник  или доказ за минимум 5 години работен стаж во областа на културата.

На социјалните мрежи се разви дебата за изборот на прв човек на најголемата културна институција во Југоистокот.

ЗБОГУМ КУЛТУРА, ЗДРАВО ФИСкултура?!
Од тројца кандидати и тоа:
1. Културен менаџер со мастер студии на Унеско катедрата за културен менаџмент при Универзитетот за уметности во Белград и десетгодишно искуство со проекти во полето на културата!
2. Културен деец – Дипломирана актерка, со скоро 2 децении официјален работен стаж и 30 годишно искуство во истата културна институција за која се бираше директор, што значи добро запознаена со проблемите на Центарот за култура.
3. Наставник по фискултура.
Министерство за култура / Ministria e Kulturës

и министерката

Irena Stefoska

направија „мудар“ избор и за прв човек на чело на, можам да кажам, најголемата културна институција во Југоистокот на државата, го одбраа „најкомпетентниот“ кандидат – НАСТАВНИКОТ ПО ФИСКУЛТУРА, се разбира!!! Во предвид е земено неговото долгогодишно, да не речам вечно, директорско искуство исклучиво со јавни институции т.е. институции на државна цицка! Е, сега сме мирни и со силна верба дека сите проблеми на културните работници во НУЦК „Антон Панов“ ќе бидат со сигурност решени!!! Тоа е таа ДЕПАРТИЗАЦИЈА НА ОПШТЕСТВОТО и тие НЕЗАВИСНИ МИНИСТРИ кои носат одлуки со „своја“ глава!

И, ТОА Е СЕ’ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ ЗА НИВОТО НА КУЛТУРА ВО НАШАТА ДРЖАВА!!!
НЕМА ДА ВИ ПОМИНЕ!, напиша Маја Велкова на фејсбук.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.