Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” вечерва заврши 60-то издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Поетските читања поради пандемијата се одржаа на летната тераса во хотел „Дрим“, а не традиционално на Мостот на поезијата.
Годинава наградата „Браќа Миладиновци“ ја доби поетесата Лидија Димковска за збирката „Гранична состојба“, додека наградата „Мостови на Струга“ му беше врачена на српскиот поет Владан Кречковиќ за збирката „Париз-Тексас“.
Лауреатката, добитничка на „Златниот венец“, британската поетеса Керол Ен Дафи, поради пандемијата не присуствуваше на годинешното издание на фестивалот, меѓутоа го најави своето присуство за следната година.
Зад нас уште едно издание на „Струшките вечери на поезија“ во вонредни, пандемски околности. Се надевам дека ова е последен пат да се реализира во вакви околности. Сметам дека со оглед на целата ситуација можеме да бидеме задоволни од изданието затоа што, за разлика од лани, успеавме да донесеме петнаесетина странски поети, кои имаа настап, помал дел од нив се претставија преку видеочитања, секако, домашните поети беа претставени во живо. Освен препознатливите програмски содржини имавме меморијално чествување на доајените на македонската поезија Богомил Ѓузел и Анте Поповски, а во рамки на програмата на СВП беше промовирано и специјалното, монографско издание со избор од поезијата и кратката проза на Блаже Конески – рече директорот Тодорче Тасевски.
Фестивалот традиционално ќе заврши со поетско читање во Скопје, кое ќе се одржи утре во Музејот на современа уметност со почеток во 21:30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.