Синоќа заврши 17. издание на Фестивалот за современ танц, „Танц Фест 2021“ кој се одржуваше од први до седми јуни. Се одиграа десет извонредни кореографии зад кои се потпишуваат домашни, но и интернационални кореографи, а беа прикажани и два танцови филма.
Во рамки на фестивалот, публиката имаше можност да ужива во претставите на македонските кореографи Адријана Данчевска – „Не ми ги допирај очите“ и “WRONG”, Дејан Битровски – „Ѓаволска дупка“, „Најлон“ на Валентино Апостоловски и Благој Мицевски.
Една деценија успешна работа и современ танц кој рамо до рамо стои со оние од светски ранг одбележа Скопје танцовиот театар со претставата „Меѓусвет“. Зад кореографијата и режијата на „Меѓусвет“ се потпишува Рисима Рисимкин, зад музиката Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а дизајнот на сцена на Матеа Мијановиќ.
Од интернационалните гости, танчерот Жиган Крајнчан од Љубљана, Словенија се претстави со “Fusion with Myself” во продукција на EXODOS, Загребачки плесни ансамбл ја одигра одличната „Revel Revel“, а во соработка со Театроскоп, Францускиот Институт и Француската Алијанса Тетово, францускиот кореограф и танчер Амала Дианор се претстави со својата соло танцова претстава “Man Rec” во Домот на култура Тетово, но и пред скопската публика во Домот на АРСМ. Публиката уживаше во премиерата на танцовиот филм “VITRO” на младиот Филип Петровски и „ДОМА“ на кореографката Адријана Данчевска,.
Во рамки на фестивалот, студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Ивана Балабанова ја одиграа својата дипломска претстава „Јас сум, тука сум“, а заедно со Викторија Коцева и Антонија Димитревска танцуваа во “WRONG” на Данчевска.
Традиционално, и на Танц Фест 2021, од страна на Стручниот совет беа доделени престижните награди „Менада“. „Менада за млад уметник“ оваа година ѝ припадна на Матеа Киселичка, кореографка која во моментов работи и твори во Кина, а „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцот“ ѝ беше доделена на американската кореографка и уметница Каролин Карсон. Организацијата на фестивалот му оддаде почит и на легендата на македонскиот балет, Антон Тони Баталаков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.