Овогодишното истражување беше насочено на едни од најраните неолитски населби во Пелагонија, a кое е дел од континуираната соработка меѓу ЦИП-Центар за истражување на предисторијата и НУ Завод и музеј – Битола.
Во рамки на истражувањата, соопштија од ЦИП, се откриени остатоци од неолитски живеалишта и материјална култура и на двата локалитети, а кои се поврзани со првите земјоделци кои формирале населби во Пелагонија пред околу 8.000 години.
На Велушка Тумба се работеше во најдолните слоеви на населбата, каде се документираше една од најраните нејзини градби, и од која се открија под, огниште, колци и ѕидови, како и остатоци од садови, жртвеници, фигурини, мелници, алатки и др., се појаснува во соопштението.
На локалитетот Влахо кај Живојно, кој претставува издигната тераса меѓу суводолици, се истражувале повеќе сонди со кои биле детектирани границите на оваа голема неолитска населба.
Притоа се открија повеќе слоја од ранонеолитската населба со остатоци од објекти градени од горен и негорен лепеж, компактни подови и големи огништа. Во и меѓу нив се пронајдоа фрагменти од садови, фигурини, алатки и мелници, кои говорат за стопанството и верувањата на првите предисториски земјоделци во пелагонската котлина, се наведува во соопштението од ЦИП.
Истражувањата продолжуваат со археоботанички, археозоолошки и радиокарбон анализи, додека тековните и целокупните сознанија ќе се публикуваат во македонски и меѓународни списанија и зборници, и воедно ќе бидат претставени на неколку европски конференции. На тој начин, стои во соопштението, ќе се овозможи врвно претставување на македонското предисториско културно наследство и негово афирмирање меѓу еминентни научници и институции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.