Со фестивалската химна и огномет и со претставата „На отворено море“ на Југословенско драмско позориште (ЈДП) од Белград, вчеравечер на Античкиот театар во Охрид беше затворен 61-виот фестивал „Охридско лето“.
Актерската екипа на ЈДП ја изведе семејната драма со политички конотации од српскиот комедиограф Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин. Текстот е напишан одамна, но приказната зборува и за денешново време – за корупцијата, распродажбата на сѐ и сешто, па дури и на љубовта и семејниот мир заради упехот и богатството.
Според режисерот Савин, тоа е општествена комедија со трагични елементи.
– Нушиќ е најгенијалниот српски драмски писател, и тоа не само како комедиограф. Јас го имав задоволството да ја работам неговата драма „Така мораше да биде“, со голем успех. Ја работев и социјалната драма „Зад Божјиот грб“, и оваа е трета негова драма. „На отворено море“ е една од најзначајните во драмскиот опус на Нушиќ, рече Савин, според кого „Охридско лето“ и „Дубровничките летни игри“ се последниот бедем на големите сериозни летни фестивали кои ја слават уметноста.
![]()
Директорката на националната установа „Охридско лето“ Наташа Поповиќ им се заблагодари на сите што годинава се вклучија во организирањето на фестивалот. Таа истакна дека годинава е испишана уште една успешна приказна во историјата на фестивалот кој успеа да ја прослави уметноста и во време кога се соочуваме со КОВИД-19.
Понудивме богати и квалитетни уметнички вечери со врвни уметници. Низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста имаа можност да уживаат на фестивалската сцена, од каде по 61-ви пат се славеше врвната уметност, рече Поповиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.