Од 6 до 12 март во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи 11. издание на „Вечерите на женски права“, оваа година ќе се одржи во знак на глобалната тема за одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8. Март: „Јас сум Генерација Еднаквост – остварување на женските права за еднаква иднина!“.
„Вечери на женски права“ е настан кој традиционално се организира од 2010 год. и нуди културна алтернатива на прославувањето на Меѓународниот ден на жената – 8ми Март. Настанот е во организација на Град Скопје, Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕФТА, Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет од Скопје и Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women.
Поздравни обраќања на манифестацијата ќе имаат Претседателот Македонија, Стево Пендаровски, и Резидентната координаторка на ОН во Македонија, Росана Дуџак. Потоа ќе следат разговорите со Ана Јовковска и нејзините соговорници Ленче Здравкин, Бојан Јовановски, Лулета Адеми и Ана Голејшка Џикова.
На отворањето на „Вечерите на женски права“ ќе се прикаже хрватскиот документарен филм „Дневникот на Дијана Будисављевиќ“ (2019) од режисерката Дана Будисављевиќ, која ја доби наградата за најдобар филм и најдобра режија на Пулскиот филмски фестивал во 2019 година.
Дополнително, манифестацијата е збогатена со отворањето на две изложби – меѓународната ликовна изложба: „Будење“, која вклучува 11 ликовни уметнички од земјава и од странство (кураторка Шќипе Мехмети) и изложбата на студентска фотографија „Кршење на обрасците“ изработена од студентите од Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕФТА и Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет од Скопје.
8. Март е Меѓународен ден на жената кој за првпат е прославен во 1911 година. Тогаш, на 8. Март, повеќе од милион жени и мажи во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија одржаа протести за остварување право на глас на жените и подобрување на работничките права.
Денес, 8. Март се одбележува како Меѓународен ден на жената за да се славaт економските, социјалните, културните и политичките достигнувања на жените и да се повика на остварување родова еднаквост.
Овогодинешната темa за одбележување на Меѓународниот ден на жената е во согласност со глобалната мултигенерациска кампања на UN Women, „Генерација Еднаквост“, која ја одбележува 25-годишнината од Пекиншката декларација и Платформа за акција. Усвоена во 1995 година, Пекиншката декларација и Платформа за акција е прифатена како најпрогресивната агенда за зајакнување на жените и девојките ширум светот.
Извршната директорка на UN Women, Пумзиле Мламбо-Н’гчука, по повод новиот извештај на UN Women „Осврт кон женските права по повод 25-години по Пекинг“ изјави:
Во освртот кон женските права се покажа дека, покрај одреден прогрес, ниту една земја нема постигнато родова еднаквост. Еднаквоста не е само една четвртина од местата на масите на кои седат оние кои имаат моќ. Но, тоа е ситуацијата во рамките на раководствата. Мажите се 75% парламентарци, држат 73% од менаџерски позиции, присутни се во рамките на 70% кои се вклучени во климатските преговори, и скоро сите миротворци се мажи. Ова не е инклузивен и еднаков свет и ние мора да преземеме акција за да искреираме свет кој не е дискриминаторски спрема жените. Единствено половина е еднаков дел, и единствено еднакво е доволно“.
Влезот е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.