За нас оставаме да зборуваат наградите, публиката, успехот, а тие едногласно кажуваат дека Битолскиот театар повторно го врати приматот на најдобар театар во нашата држава, а и надвор од неа, во регионот, велат од Народениот театар Битола кој во неделата, на 14 ноември славеше 77 години од формирањето на оваа Национална установа.

Нашиот театар станува бренд кој со гордост ги негува македонскиот јазик и култура, достојно и гордо ги претставува насекаде во светот. Годинава роденденот го прославивме со претставата „Сомнително лице” која се одигра на големата сцена „Благој Стефановски – Баге“, соопштија од Народниот театар – Битола.

На 14 ноември 1944 година, со изведба на едночинката на Владо Малески – „Петтоимениот Ѓоре“, почнува репертоарот на театарски претстави на македонски јазик и овој датум се смета за ден на основање на Народниот театар – Битола.

Првите членови, основачи на Битолскиот театар се Јорго Цаца, раководител на групата, Вера Вучкова, Димче и Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.

Во периодот од 1944 до 1980 година претставите се играат во првата театарска зграда во Битола, изградена во 1908-09 година по наредба на битолскиот валија Абдул Керим-паша, а од 1980 година со уривањето на стариот и изградба на нов современ објект, битолскиот театар претставите ги изведува во свои простории – Домот на културата во овој град.

Во рамки на одбележувањето на годишнината, во фоајето на театарот се изложени фотографии од претстави кои ги изработија Петар Ставрев и Сашо Ставрев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.