По повод деведесетгодишнината од раѓањето на акад. Матеја Матевски, издавачката куќа „Матица македонска“ од Скопје објави избор од неговата поезија, насловен според култната книга „Дождови“. Во изборот што го подготви поетот Раде Силјан, застапени се деведесет песни од богатиот опус на авторот.
Матеја Матевски (Истанбул, 1929 – 2018, Скопје) спаѓа во редот на челниците на современата македонска литература. Во изминатите децении на богата и континуирана творечка активност тој создаде дела, кои го легитимираат како автентична и неповторлива книжевна појава, како стаменит творец, кој во нашиот духовен простор востанови високи естетски стандарди, пишува Раде Силјан во поговорот насловен како „Поетските завештанија на Матеја Матевски“.
Матеја Матевски автор е на дваесет и четири стихозбирки, на седум книги со критики и есеи, четири капитални антологии од шпанската, каталонската и галициската поезија, а како пасиониран преведувач на македонски јазик има преведено над шеесет одделни книги од: шпански, француски, словенечки, албански, италијански, српски и други јазици.
Добитник е на бројни национални е меѓународни награди, а во 2011 година ја доби и наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.