Јазикот претставува еден од клучните елементи за историскиот континуитет на една нација. Зад секоја епоха, книга, односно пишан збор, се крие историјата на оние што живееле пред нас, се крие по некоја приказна која ги овековечува важните настани и животот во државава од минатото. Оттука се поставува прашањето дали со незаинтересираноста на нацијата за изучување и негување на јазикот, истиот ќе ја изгуби вистинската форма?!

За да се заштити јазикот, потребно е постојано да се негува. Професорката Александра Ѓуркова, научен советник во Институтот за македонски јазик за МИА вели дека изучувањето на македонскиот јазик е од особена важност.

Меѓутоа, тоа не важи за поголемиот дел од младите кои повеќе преферираат да изучуваат германски или англиски отколку македонски јазик. Податоците покажуваат дека во учебната 2019/20 година за изучување на македонскиот јазик се запишале вкупно осумнаест студенти, во 2020/21 тринаесет и во 2021/22 дваесет и два студенти.

Паралелно на ова, во изминатите 2019 и 2020 година за изучување на германски јазик се запишале вкупно 38 студенти, а на студиската програма Англиски јазик и книжевност дури 198 студенти.

Овие податоци покажуваат дека интересот за изучување на македонски јазик е слаб, додека јазиците како што е германскиот бележи раст на бројот на запишани студенти.

Ѓуркова појаснува дека тоа се должи првенствено на можностите, односно нивниот недостиг за натамошно напредување.

На младите студенти од овие области мора да има се даде целосна поддршка во нивното напредување во научните истражувања на македонскиот јазик. Време е тие да имаат еден привилегиран статус во студиите, но истовремено е повеќе од потребно и спроведување соодветни критериуми во приемот на студентите и во нивното оценување, вели таа.

Од друга страна, за младите еден од проблемите е малата заинтересираност за истражување на македонската културно-историска оставнина и драстичното опаѓање на популарноста на литературата како „уметност”, па дури и како „индустрија”.

Во време кога дигитализацијата зазеде широк замав во проектирање на секаков вид податоци и информации, тоа несомнено влијае и врз самиот мисловен процес на идните студенти кои најпрвин пројавуваат љубопитност и интерес кон она што претстои, кон иднината пред воопшто да размислат на минатото, на нивното постоење и на прашањето, како воопшто сме дошле до ова? До нашиот јазик, до нашата писменост, до нашиот идентитет“, вели за МИА Верица Муковска, дипломиран студент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” – Скопје.

Според неа, општиот заклучок би бил „потреба за квалитет наместо квантитет”.

Преку основното образование до будење на поттикот кај младите за истражувањето на македонското културно-историско наследство

Љубовта кон пишаниот збор е вродена особина, но прашање е колкав е поттикот од страна на педагозите и родителите за нејзино негување. Професорката Ѓуркова вели дека интересот за истражувањето на македонското културно-историско наследство е тема која што треба и може да се изучува почнувајќи од основното образование.

Содржини што ја опфаќаат македонската култура, македонската книжевност, македонскиот јазик, македонската историја, како и музиката, фолклорот и уметноста треба да бидат застапени во наставата уште од петто или шесто одделение, и се разбира, соодветно да бидат приспособени за учениците. Таква концепција може да се примени и во програмите во средно училиште. Многу е важен и контактот на учениците од основното и средното образование, со сето она што го означуваме како македонско културно наследство, објаснува Ѓуркова.

Ја прашавме педагогот професор Лена Дамовска за важноста на поттикнувањето на истражувањето на македонската културно-историска оставнина уште од најрана возраст, таа за МИА потенцира дека тоа би било еден од првите и клучни чекори за решавање на овој проблем.

Секако дека е важно децата без разлика кога влегуваат во образовниот систем од најмала возраст или во градинка, да имаат зачеток на она што значи негување и развој на културните наследства и затоа мислам дека е важно почитувањето на културниот контекст на секое дете, без разлика од која етничка заедница во нашава земја доаѓа, изјави Дамовска.

Англицизмите и современото живеење сериозен предизвик за македонскиот јазик

За многуте истрошени мастила и жртвувања за создавање и зачувување на македонскиот јазик сведочат сите поети и писатели со помош на пишаниот збор односно делата, за жал години подоцна ние сме сведоци на тоа како современото живеење стана новиот непријател на македонскиот јазик.

Педагогот Дамовска за МИА открива дека недостатоците кај децата се забележуваат во секојдневната комуникација од најмала возраст и сето тоа се должи на нивната преголемата експонираност на современиот живот и технологијата.

Амбиентот во кој што живееме децата се експонирани на она на што се, тоа што е популарно, исто така се бомбардирани од најмала возраст и тоа се забележува во усвојување на мајчиниот јазик, проблеми во културата на говорот во негување на културата на говоорот од најмала возраст, недостатоците ги забележуваме кај нашите деца во секојдневната комуникација, вели педагогот, заклучувајќи дека тоа е предизвик и не само на оние кои професионално се занимаваат со македонскиот јазик, туку и на родителите“.

Според неа, во одредена возраст приоритет добива мајчиниот јазик, за подоцна многу полесно се усвојуват и основите на сите останати странски јазици.

Поддршката за младите писатели реална, но недоволна

Секој млад човек барем еднаш во животот пројавил желба за создавање нешто свое, било да е тоа поетски стих, афоризам, сленг, драмска реплика, прозен текст, тврди младата Верица Муковска автор на книгите „Дневникот на длабоките тајни” и „Равенка на стравот”. Но, неретко постои недоволна мотивираност и предрасуди од општеството кои, според Муковска, влијаат и врз намалување на талентираноста, дури и до степен на откажување.

Таа апелира дека е неопходно да се зголеми поддршката од страна на државата пред сè во финансиска смисла за издавање на литературно дело од млад автор што ги исполнува литературните критериуми.

Стефан Марковски, современ македонски писател, автор на романи, збирки раскази, драми, поезија и сценарија додава дека македонската литература во денешнава состојба речиси и да нема иднина.

„Интересни” ми се некои функционери кои се обидуваат да се апстрахираат себеси од одговорноста во однос на буџетските капацитети и распределбата на средства за овој тип поддршка, велејќи дека писателите треба самостојно да се борат за комерцијализација на своите дела во странство, додека истовремено како добри познавачи на тековите во литературата знаат колку полесно остварливо би било тоа кога само на миг би подзастанале на страната на книжевните уметници и би ја инвестирале моменталната моќ во нив. Време е објективно да се констатираат и адресираат некои важни проблеми, врзани во крајна линија, и за самото постоење на македонската литература и сето она што би требало да е нејзина квалитативна водилка и ориентир. Време е објективно да се констатираат и адресираат некои важни проблеми, врзани во крајна линија, и за самото постоење на македонската литература и сето она што би требало да е нејзина квалитативна, тврди Марковски.

Универзитетската професорка Кристина Николовска, се согласува дека поддршката е потребна и додава дека државата овозможува поддршка, но недовлно.

Поддршката на младите творци е многу важна. Државата овозможува поддршка на проекти за млади творци, но сепак добро е да има повеќе изданија, зборници, фестивали, манифестации, работилници, семинари. На пример, за пофалба е традиционалниот конкурс на Агенцијата за млади и спорт којашто секоја година објавува зборник на поезија од млади автори. Тоа ги мотивира младите творци“, изјави Николовска за МИА.

Факт е дека македонскиот јазик наидува на доста предизвици кои прозилегуваат паралелено со развојот на технологијата и начинот на живот, но експертите порачуваат дека само од нас зависи колкава штета ќе нанесат тие предизвици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.