Второто издание на фестивалот на светлината, „Скопје лајт арт дистрикт“ е замислен како надворешен фестивал со патека и стартна точка лоцирана во Старата скопска чаршија, која ќе води преку Кејот на Вардар сѐ до Градскиот Парк, каде ќе биде и финалната точка.
Дваесет и пет уметници, уметнички здруженија и уметнички групи од земјата и странство од 29-ти мај до 1-ви јуни, од 20 до 24 часот, на 18 локации ќе ги изложуваат своите дела, изведуваат своите претстави и перформанси и ќе им понудат на Скопје и скопјани едно ново, магично и необично доживување.
Со инсталации и настапи во многу бои и светлина, „Скопје лајт арт дистрикт“ и реномираните светлосни уметници кои ќе бидат дел од него, на присутните ќе им ги претстават фантастичните и митски суштетства и чудовишта кои магично излегуваат од крошните на дрвјата или се вешто скриени во некој дел од урбаната џунгла, светлечките дрвја, музичките перформанси, 3Д проекциите и уште многу други светлосни атракции. Фестивалот ќе биде збогатен и со посебен дел за одмор, забава и дружење на посетителите, а ќе имаат можност да присуствуваат и на првиот 3Д мапинг натпревар, на кој уметници од земјата и од странство ќе се натпреваруваат за фестивалското гран при, наградата „Златко Славенски“.
Фестивалот ќе биде отворен 29-ти мај во Куршумли Ан во Старата скопска чаршија во 20 часот.
„Скопје лајт арт дистрикт 2019“ светлосниот фестивал е културно-уметнички настан во организација на ЈУ Универзална Сала, со поддршка на Град Скопје и рок проектот, како дел од Хоризонт 2020 програмата за истражување и иновации на Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.