Седумдесетина македонисти, слависти и балканисти од земјата и од странство ќе учествуваат на 48. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), што денеска и утре, на 3 и 4 септември ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид и виртуелно.
Најавено е учество на истражувачи од САД, Русија, Јапонија, Франција, Полска, Словенија, Хрватска и Србија, како и од нашата земја. Најголемиот дел од нив ќе ги изложат своите истражувања на носечката тема на Конференцијата – „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на македонскиот јазик, литература и култура“. Оттука, годинешното издание на традиционалната конференција на МСМЈЛК при УКИМ е и еден од најголемите научни собири посветени на великанот Конески во рамките на досегашното одбележување на стогодишнината од неговото раѓање.
Свеченото отворање на Конференцијата ќе се одржи денеска, на 3 септември, со почеток во 10 часот. Поздравни говори ќе одржат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на МСМЈЛК при УКИМ и проф. д-р Станислава-Сташа Тофовска, којашто е и координаторка на лингвистичката секција на Конференцијата. Во рамките на свеченото отворање ќе биде промовиран и зборникот од минатогодишното издание на конференцијата, при што промотивна реч ќе одржи директорката на Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска. По отворањето, паралелно ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура, и тоа во текот на првиот работен ден со физичко присуство во Конгресниот центар на УКИМ, а во текот на вториот работен ден, виртуелно.
Особено радува што меѓу учесниците на Конференцијата коишто ќе претстават свои истражувања за делото на Конески се и врвни странски слависти. Меѓу другите, за првпат на конференција организирана од МСМЈЛК при УКИМ ќе учествува и истакнатиот јапонски славист, проф. д-р Мотоки Номачи, којшто пред неколку години ја најде првата современа Граматика на македонскиот јазик – нарачана од президиумот на АСНОМ, а напишана во 1947 година од рускиот професор, Самуил Борисович Бернштејн, но необјавена заради влошените советско-југословенски односи, по што седумдесет години се сметаше за исчезната.
На конференцијата, тој ќе говори за интеракцијата меѓу Конески и Берштајн, преку исчитување и анализа токму на новопронајдени, архивски материјали. Учесничка на Конференцијата ќе биде и проф. д-р Ирена Савицка, којашто е едно од најголемите имиња на полската лингвистика и е соавтор на „Фонологија на македонскиот стандарден јазик“. Како соавтор на реферат, на Конференцијата ќе учествува и проф. д-р Грејс Филдер, којашто е еден од најистакнатите балканисти од САД – познавач особено на историјата и културата, како и проф. д-р Елена Вержникова од Московскиот државен универзитет „Ломоносов“. Тие се само дел од значајните научни имиња коишто се дел од лингвистичката секција на Конференцијата.
Во секцијата за литература и култура пак, меѓу другите, од Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ ќе учествува академик Ала Шешкен, којашто претходно учествуваше и на 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а беше промовирана и нејзината најнова книга за македонската книжевност. Исто така ќе учествува и академик Златко Крамариќ од Филозофскиот факултет на Универзитетот „Јосип Јурај Штросмаер“ во Осиек, којшто е еден од најпосветените истражувачи на македонската култура во Хрватска.
Меѓу поистакнатите учесници од странство, во оваа секција ќе учествува и проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет во Љубљана, којашто веќе повеќе години покрај тоа што е исклучителен истражувач на македонската книжевност, како универзитетски професор и преведувач е еден од најголемите афирматори на македонската култура во Словенија. Координатор на секцијата за литература и култура е проф. д-р Трајче Стамески.
Од Конференцијата ќе биде објавен и зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации за делото на Конески, коишто ќе произлезат од активностите оваа година, по повод стогодишнината од неговото раѓање.
Меѓународната научна конференција е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.