Филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски ќе биде македонскиот кандидат за „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм за 2021 година, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ).

Одлуката ја донесе Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар“ при ДФРМ, во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Дејан Лилиќ – актер, Тамара Котевска – режисер, Самир Љума – кинематографер, Мартин Иванов – монтажер, Иван Ѓоршев – мајстор на светло и Сања Арсовска – актерка.

Во конкуренција за кандидатурата биле и филмовите: „Ефектот на среќата“ во режија на Борјан Зафировски, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи, „Кеиф“ на Блаже Дулев и „Незо“ во режија на Мерита Чочоли.

ДФРМ соопшти дека кандидатурата на „Врба“ за наш национален претставник во трката за најпознатата филмска награда е прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука.

„Врба“ досега има освоено вкупно 5 меѓународни награди, а изминатиов месец освои 3 – при шпанската и американската премиера ги освои престижната Сребрена палма во Валенција, Шпанија и наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД, а Манчевски беше награден за Најдобар режисер на Рејнденс во Лондон.

„Пред дождот“ на Манчевски во 1995 ѝ ја донесе на Македонија првата номинација за Оскар за најдобар странски филм, а македонски кандидати биле и неговите „Сенки“ и „Мајки“.

Поради КОВИД-пандемијата, 93-тата церемонија за доделување на наградите „Оскар“ ќе се одржи подоцна од вообичаено, односно на 25 април 2021 (недела) во Лос Анџелес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.