Деновиве во македонскиот литературен етер се појави романот „Кралеви од улиците“ за кој, според промотивното соопштение, се вели дека сака да ја прикаже суровоста на македонското општество.
Станува збор за роман испишан на безмалку 100 страници од Александар Ковилоски. Тој е долгогодишен работник во секторот за ресоцијализација на КПД „Идризово“. Автор е на повеќе книги од стручната литература, на весник „Искра“ кој го создава заедно со осудените лица, и на повеќе програми од областа на затворската проблематика, но ова е негов прв роман.
Приказната во него, како што е претставен, изобилува со дрога, маалски живот, со емоционални односи, затвор и затворенички живот, погрешни размислувања, и сите оние глупости во кои може да западне младиот човек. Преку дејствијата на главниот лик романот ги доловува вредностите во животот и истите ги преиспитува, а приказните во него се приземјени и сведени на реалниот живот.
„Кралеви од улиците“ иако изобилува со шеги, е експлицитен и сериозен роман, и начинот на кој е напишан сосема се вклопува во времето во кое живееме денес.
Се состои од три дела: првиот е запознавање со ликовите и нивниот начин на живот, вториот навлегува подлабоко во приказната и на некој начин е кулминација на дејствијата, додека третиот го опишува животот во затворите и ја појаснува кулминацијата од вториот дел. Иако навидум малечка книга, во неа има илјадници приказни кои го покажуваат начинот на кој живее младиот човек во отсуство на правила и закони.
Романот може да се купи и онлајн по цена од 339 денари со достава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.