Деновиве во издание на издавачката куќа „Паблишер“ од Скопје излезе од печат најновата збирка песни „Возови на смртта“ на Зоран Пејковски, драмски писател, драматург, поет, прозаист, сценарист, преведувач, публицист, но и почесен амбасадор на мирот и редовен академик.

Пејковски во најновата збирка песни повторно се навраќа за него постојаната и неодминливата тема смртта. Рецензенти на „Возови на смртта“  се проф. д-р Венко Андоновски и поетот и професорот Славе Ѓорго Димоски.

Рецензентот, проф. д-р Венко Андоновски, во својата опсервација за „Возови на смртта“ ќе напише:.. „Пред нас стои една исклучително добра, кристално избрусена стихозбирка од поетот Зоран Пејковски, со наслов „Возови на смртта“. Ни помалку, ни повеќе, туку книга која ја открива самата суштина на поезијата: да биде исплетена од најсензитивни нишки, како пајакова мрежа. А мрежата, како космогониски симбол на совршеноста (со пајакот во нејзиното среде), е токму направена од – ништо. Познато е старото прашање од збирката на Зеноновите апории: дали мрежата се состои од конци или од дупки? Истото важи и за поезијата: дали таа се состои од звуци или од тишина, од значење или од затемнување на значењето до непрепознатливост, речиси до асемантичност (што не значи и до бесмисленост, зашто едно е значење, а друго е смисла). Поезијата ја бара смислата, а не значењето. Тоа Зоран Пејковски одлично ни го демонстрира во својата сјајна стихозбирка.

И навистина, оваа стихозбирка од ништо создава поезија. Нарцисоидните поети (оние кои започнуваат да пишуваат книга со јасна идеја која награда сакаат да ја добијат), тие „мермероидни“ прециози од поети, се скандализираат од идејата дека поезијата, вистинската поезија, се пишува и создава од ништо, ex nihilo. За нив секогаш е потребна ексклузивна, ексцентрична тема (мотив), на која ќе ѝ придружат исто толку ексклузивни и ексцентрични симболи. Тие наивно веруваат дека поезијата се прави од готови возвишени состојки, а, всушност, е обратно: добрата поезија низ сопственото создавање ги преобразува „обичните“ состојки во возвишени и благородни: таа не е колекција на готови благородни мисли, туку процес на создавање благородно од обично, процес на создавање вино од вода. Не е таа коктел од добри вина кои во песната се покажуваат како готови, туку гроздови зрна кои низ самиот поетски чин ферментираат во вино и поезија, во мудрост и лепословие.

Пејковски не се плаши од тоа дека одбрал премногу „обични зборови“ за да искаже цела филозофија на животот и смртта преку една речиси лекикализирана метафора – патувањето. Во секој случај, одличен поет и одлична поетска збирка. И повеќе од тоа: стихозбирка по која се чувствувате како да сте прочитале езотерична книга, зашто и тие книги, како и поетските, се вистинска пајажина, сензитивно нешто направено од речиси – ништо. А разбирливо“, меѓу другото, ќе додаде рецензентот проф. д-р Венко Андоновски.

Извонредната заокруженост и длабокото проживеано искуство стојат во основата на оваа книга која се движи од лична длабока исповед (сигурно: со причина) до возбудлива „поетска расправа“, од постојано умножување на рефлексивните слоеви на потсвеста до незабележливо претопување во слики од стварноста кои судбински водат кон „светот“ кој „сѐ уште / за жал, нема алтернатива“, а „животот… се случува / во затворените футроли / на срцето, на умот“.
Книгата „Возовите на смртта“ во својата целост, со одмерен ритам, конечно, се потврдува како прониклив и промислен поетски говор по прашањето на „модерната егзистенција“.“… ќе заврши еден од најголемите поети во македонската литература Славе Ѓорго Димовски, кој сега се јавува како рецензент на збирката песни на Пејковски „Возови на смртта“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.