Деветиот по ред Викенд на гордоста Скопје, фестивал за квир култура, уметност и теорија, ќе се одржува во периодот од 2-9 јуни, во Музејот на современа уметност, КСП ЈАДРО и кафе барот Шортбас.

Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е НАСТРАНО ЗАЕДНИЧКО: Политики на пријателство, љубов и афекти.

Со оваа тема целиме да ги поставиме во центарот на квир политичките, социјални и културни ориентации прашањата поврзани со мислењето, дистрибуцијата и втемелувањата на заедничкото и заедничките добра (the common/s). На заедничкото и заедничките добра ќе им пристапиме преку критичко истражување на нормативните претпоставки за пријателство, љубовта и емоциите врамени во хегемонската хетеронормативност и машките политички имагинации, како и нивните импликации за нашите социо-политички хоризонти. Фестивалот, исто така, се стреми да понуди и алтернативни форми на замислување, пракса и отелотворување на заедничкото и политиките на пријателство и љубов, тргнувајќи токму од структурната позиција на маргините, како и социо-културни и интимни практики и инфраструктури за грижа, поддршка и заедничарење во квир и феминистички заедници и мрежи, велат од тимот на Викендот на гордоста Скопје 2021.

Овогодишниот фестивал се отвора на 2 јуни, во 20:30ч во МСУ, со ретроспективна изложба ЗАСЛЕПЕН ОД ЉУБОВ на ФРАНКО Б, еден од најзначајните современи перформанс и визуелни уметници во светот.

Својата уметничка работа не ја одделува од животот, а неговите дела балансираат меѓу изолацијата и заведувањето, наклоноста и конфронтацијата, страдањето и еротицизмот, панкот и поезијата. Настојува неподносливото да го направи подносливо, го провоцира гледачот да размисли за сопственото поимање на убавината и страдањето. Сопственото тело го користи како метафора за општествената борба, при што отелотворува претстави за личното, политичкото и поетското. Вкрстувајќи ја љубовта и болката, Франко Б покажува дека човечноста, како состојба, може да се подобри, се вели во најавата.

Публиката ќе може да го проследи и најновиот перформанс на Нао Бустаманте (САД), легендарна латино уметница, чиишто дела опфаќаат перформанси, видео инсталација, кинематографија, скулптура и пишување, а во Скопје ќе настапи заедно со Маркус Куиланд Назарио (САД). Во рамки на целокупната програма ќе се претстават и: танц триото STEAM ROOM, коишто минатата година безрезервно ги освоија срцата на скопската публика, потоа перформанс колективот СПИЗ! Од Велика Британија, во соработка со македонската дрег кралица Токио де Вил, македонските уметници Зорица Зафировска и Дарко Алексовски со заедничка изложба во КСП ЈАДРО, и џез триото Светлост. Како и изминатите, и оваа година имаме две предавања, едно перформативно предавање на проф. Јелисавета Благојевиќ од Белград, и онлајн предавање на ФРАНКО Б.

Оваа година каталогот за фестивал е проследен со уреден зборник текстови од некои од најзначајните современи теоретичари кои ги адресираат прашањата во фокус на фестивалот, како Мишел Фуко, Лорен Берлан, Хозе Естебан Муњоз, Мајкл Харт и Антоио Негри и други. Примерок од книгата ќе можете да си земете на отворањето на Фестивалот.

Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство МСУ и ЈАДРО, со несебичната поддршка на Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Амбасадата на Кралството Холандија, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, Министерството за култура и Град Скопје. Медиумски покровител на фестивалот е ПОРТРЕТ Магазин.

Целата програма на фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата, каде ние како организатори во соработка со институциите, ќе внимаваме да се почитуваат целосно.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.