Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2019“ шести пат ќе биде отворена на 27 февруари во 12 часот на првиот кат во трговскиот центар „Капитол мол“ во Скопје. Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата ХАЕМУС и претставува дел од активностите поврзани со интернационалната апликација во УНЕСКО по повод признавањето на овој традиционален украс како нематеријално светско културно наследство.
Настанот ќе биде отворен до 3 март и ќе бидат изложени оригинални рачно изработени амајлии од Македонија, Бугарија и од Романија, а постановката ќе биде збогатена и со едукативни панели, визуализација на мартинките преку археолошки предмети, продажна галерија со ракотворби и креативни работилници за деца.
ХАЕМУС помина цел процес на метаморфози и статусот што УНЕСКО ни го додели како носители на светско културно наследство е нешто највисоко до кое веројатно може да стигне една граѓанска организација во светот. Во оваа мисија ни помогна нашето повеќегодишно искуство од областа на културниот менаџмент, специјалните обуки што ги поминавме за нематеријално културно наследство, како и поддршката што ја имаме од државните институции, граѓанските организации, бизнис-секторот, па сѐ до самите граѓани што го практикуваат овој обичај, вели Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС.
Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2019“ се прави со поддршка од Министерството за култура, Град Скопје и „Капитол мол“ под мотото на УНЕСКО за отворени образовни ресурси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.