Во Музејот на Град Скопје вечерва ќе биде отворена ретроспективна изложба на македонскиот сликар Данчо Кал’чев. Ова е прво вакво ретроспективно претставување на творештвото на уметникот со ваков карактер, при што ќе бидат презентирани дела од сите главните фази во неговото сликарство.
На изложбата ќе бидат претставени дела од сите негови сликарски циклуси почнувајќи од 1992 година („Траги“, „Идоли“, „Генесис“) до најновиот циклус од 2021 година.
За посетителите на изложбата важат препораките за мерките против ковид-19.
Данчо Кал’чев (1957) е еден од најреномираните македонски сликари денес, активен на полето на ликовната уметност кај нас речиси веќе 30 години. Неговата творечка биографија бележи повеќе самостојни и групни изложби, а негови дела се наоѓаат во бројни домашни и странски музеи и галерии.
Кал’чев дипломирал на Педагошката академија – отсек сликарство – во Скопје (1980) во класата на проф. Ванчо Ѓорѓиев и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на прф. Димитар Кондовски (1986). Меѓу денес малкутемина навистина посветени македонски сликари, сликари коишто сликарството го сфаќаат како сериозна професија и животна определба, Данчо Кал’чев секако зазема доминантно место.
Тој го смета сликарството за„(…) сериозна, тешка и одговорна работа“ којашто не трпи импровизации, самоволие и забава. Впрочем, и неговото досегашно целокупно сликарство сведочи за комплетна посветеност на еден вистински сликарски мајстор кој ништо не препушта на случајот или првичната импресија, туку гради Слика со голема почетна буква, создава дела со специфична пластична (синтаксна) и семантичка структура, јасно препознатлива во современото македонско сликарство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.