На големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) премиерно беше изведена претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, а во режија и адаптација на Нела Витошевиќ, која го користеше препевот на Богомил Ѓузел.

„Макбет“ важи за една од четирите најголеми трагедии на Шекспир, а воедно е и една од најкрвавите. Во еден момент од драмата, дури и главниот протагонист кажува како предлабоко е навлезен во крвавата река на убиства што самиот ги извршил или нарачал и дека за него нема веќе враќање назад.

На почетокот, Макбет е прикажан како храбар војник, бестрашен на военото поле, каде секоја негова битка завршува со победа. Сето тоа го согледува кралот кому тој му служи, па го наградува неговиот успех. Но, неговата амбиција, како и таа на неговата жена, е кралството да биде негово, тој да биде човекот пред кого сите ќе се поклонуваат, човекот кому сите ќе му служат.

Потребна е една средба со вештерките за да се увиди по кој терк ќе се одвиваат настаните во неговиот живот. Токму таа средба ќе ги ослободи неговите потиснати амбиции и ќе го направи еден од најкрвавите владетели кои кралството на Шкотска некогаш ги имало. Ќе го убива секој кој ќе му застане на патот, па и секого кого може, баш затоа што му се може. Сите тие непотребни убиства ќе имаат влијание врз неговата сопруга, врз жената која на почетокот беше помонструозна од него.

’Макбет‘ е психолошка вивисекција на светот на двајца тирани, кои од преголема амбиција за власт на крајот се дават во крвта на нивните жртви. Затоа и претставата ќе наликува на кошмар во кој тиранијата го достигнува својот врв. Светот на Макбет е свет во кој злото го цица секое здраво-разумско поимање и почнува бескрупулозно да владее со мислите на поединецот. Растргнати од грижата на совеста, а во вртлогот на политичкото лудило, главните ликови го губат тлото под нозете и брзо тонат во крвта на оние кои ги убиле“, изјави пред претставата режисерката Витошевиќ.

Ликот на Макбет го игра актерот Сашко Коцев, Леди Макбет е актерката Драгана Лошкова. Во претставата со голем број ликови на благородници, три вештерки, генерали и војници играат и Сенко Велинов, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Благој Веселинов, Борче Начев, Наталија Теодосиева, Ана Стојановска, Ивана Павлаковиќ, Славиша Кајевски, Исмет Шабановиќ, Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Ненад Анѓелковиќ, Виктор Бужаров.

Сценографијата е на Костантин Трпеноски, костимите ги креираше Роза Трајческа – Ристовска, а композитор на музиката е Огнен Анастасовски.

Следната изведба е на 11 мај и цената на билетот е 300 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.