Во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“, денеска беше отворена изложбата „Жените и фотографијата 2020“, која по седми пат ја организира Фото клубот „Куманово“.
На изложбата презентирани се дела од 37 авторки од државата.
Објективот на жената фотограф е различен од објективот на маж фотограф, авторката на фотографијата има сосема поинаква перцепција за динамиката на објектите кои се опфатени со кадарот од апаратот. Различноста на перцепцијата се одликува и во квалитетот на фотографијата и во тематиката, објектот на фотографирање и техниката. Авторката преку фотографијата произведува цел свет од доживувања и пресеци на реалност, пишуваат меѓу другото организаторите.
Фотографирањето, велат организаторите, може да стане мирен начин жените да го презентираат својот прозорец кон светот и да ја искористат фотографијата за да испратат гласна порака за тоа како сакаат светот да изгледа со целиот нивен идеализам, утопизам, болка и меланхолија поради актуалната состојба.
Изложбата ќе биде поставена до 15-ти август годинава. Посетителите се должни да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита при посетата на изложбата.
Оваа изложба прво требаше да се одржи во март, но поради пандемијата беше одложена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.