Во Кинотеката на Македонија вчера беше отворена изложбата „Црногорски филмски плакат”.

На пригодната свеченост, со запазување на здравствените протоколи, изложбата ја отворија амбасадорката на Црна Гора во Македонија, Марија Петровиќ и директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.

Во фоајето на Кинотеката се изложени 40-тина плакати на филмови од црногорската кинематографија, но и копродукциски проекти – реализирани главно во втората половина на дваесеттиот век, но и од поновиот период. Повеќето од изложените експонати се дел од единствената оригинална колекција на филмскиот режисер Момир Матовиќ, како резултат на неговото децениско трагање по кинотечните архиви, библиотеки, архивите на филмските продуценти и дистрибутери, а некои се откупени од приватни колекционери.

Амбасадорката Петровиќ посочи дека е голема чест и задоволство што деновиве во Скопје е изложена поставката „Црногорски филмски плакат“ на Момир Матовиќ.

„Оваа изложба е само продолжение на културните активности што ги спроведува амбасадата на Црна Гора во Македонија, со цел да се претстават црногорската култура и идентитет на македонската јавност. Во оваа мисија имаме голема поддршка од македонските институции и пријатели, без чија помош не би била можна реализацијата на вакви културни активности. Изработката на филмски плакат е важна за секоја филмска продукција, бидејќи претставува своевиден пропаганден материјал, кој на најдобар и најсугестивен начин и овозможува визуелен контакт на публиката со тоа што ќе го види. Би повторила дека е големо задоволство што ја имаме оваа изложба во македонската Кинотека – затоа што таа, на некој начин, е сведоштво и на специфичната, и на општата и на комерцијалната култура. Исто така, изложбата „Црногорски филмски плакат“ е сведоштво и на културното наследство на Црна Гора, за овој одреден временски период што го покрива, истакна Петровиќ.

„Црногорската кинематографија, во текот на своето создавање, по Втората светска војна, опстанокот и денешното битисување, со продуцираните филмови, изборот на темите, визуелниот идентитет, наградите и признанијата на домашните и светските фестивали, стана незаобиколен сегмент од црногорското културно наследство“, се вели во предговорот на монографијата „Црногорски филмски плакат“.

Изложбата „Црногорски филмски плакат“ е своевиденвиртуелен музеј на црногорската кинематографија во кој можете да сретнете разни филмски стилови и теми, од разни автори (меѓу другите: Живко Николиќ, Здравко Велимировиќ, Вељко Булаиќ,итн.), какои мноштво врвни црногорски и и екс-југословенски актери, но и некогашните филмски ѕвезди – и од Истокот (Сергеј Бондарчук) и од Западот (Џозефина Чаплин)…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.