Синоќа во Битола во новото битолско кино „Манаки“ беше промовиран документарниот филм „Сеќавање“ на уметникот и професор по фотографија Роберт Јанкулоски.

Станува збор за филмска проекција изработена од стаклени закопани плочи кои датираат од почетокот на 20 век, а се дел од наследството на браќата Манаки, сочувани фотографии од Македонскиот фронт.

Почестен сум што со мојот филм се искажува почит за денот на примирјето. Тој ден е најсреќниот ден во човештвото бидејќи со тоа примирје се ставил крај на војната – изјави Јанкулоски за документарецот.

Промоцијата на документарниот филм „Сеќавање“ посветен на настани од Првата светска војна на ова поднебје ја следеше и францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер.

Вечерва, пак, во Битола ќе биде промовиран вториот документарен филм на Роберт Јанкулоски, насловен „Манаки, приказна во слики“, културен настан кој се одржува во рамки на манифестацијата „Историја, уметност, колективна меморија и помирување“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.