Денеска се одржа првиот виртуелен состанок на министрите за култура кој го организираше УНЕСКО за земјите членки, посветен на влијанието на здравствената криза предизвикана од пандемијата на вирусот КОВИД-19 врз културниот сектор. На виртуелниот состанок, кој е продолжение на Форумот на министри за култура одржан на 19 ноември 2019 година, министрите информираа за мерките што се иницираат или се преземаат во рамките на нивните национални политики и разменија мислења во врска со идните чекори што треба да се преземат на регионално и на меѓународно ниво во насока на надминување на последиците од кризата.

Министерот Исмаили на состанокот информираше за актуелните предизвици со кои се соочува Министерството за култура при имплементацијата на мерките и уредбите усвоени од страна на Владата и на Министерството за здравство во услови на вонредна состојба во нашата земја. Од тие причини, истакна тој, од особено значење е континуитетот на соработката и солидарноста меѓу земјите, како и поддршката на УНЕСКО во насока на размена на искуства, соопшти Министерството за култура.

Министерството наведува дека целта на виртуелниот состанок во организација на УНЕСКО е да се овозможи воспоставување платформа за редовен дијалог со министрите за култура, во насока на иницирање заедничка рефлексија за влијанието на здравствената криза врз културниот сектор на глобално ниво, да се идентификуваат економските и социјалните последици врз културниот сектор во целина, како и заложбата за мобилизација на властите и на меѓународната заедница во насока на поддршка на културниот сектор.

Состанокот е од особено значење поради можноста за размена на искуства меѓу првите засегнати земји од пандемијата и државите каде што кризата сè уште се развива, а со цел воведување мерки за превенција, како и мерки со кои преку прелиминарни проценки на состојбата во културата и во културниот сектор на национално ниво би се ублажило влијанието од кризата. Исто така, овој состанокот отвори можност за дијалог во врска со мерките што треба се преземат во иднина, а со цел да се донесат препораки со кои би се ублажило влијанието на здравствената криза врз културниот сектор на краток, среден и долг рок, информира Министерството.

Министрите за култура на состанокот потенцираа дека пандемијата од вирусот КОВИД-19 уште еднаш потсетува дека културата е од суштинско значење за општествениот развој и претставува вектор на еластичност и развој на човекот од социјален и економски аспект. Од тие причини, се согласија министрите, културата неминовно треба да биде интегрирана во рамките на владините политики и да го даде својот придонес во надминувањето на оваа невидена криза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.