Од 12-14 јануари во Вевчани ќе се одржи ново издание на манифестацијата „Вевчански карневал“. Градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски, денеска, на прес-конференција, подетално ги презентираше содржините од програмата за престојниот Вевчанскиот Карневал.
Станува збор за една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во нашата земја, на Балканот и пошироко. Овие денови Вевчани ќе живее под маски, како голем слободен подвижен театар без граници, беше речено на денешната средба со новинарите.
Централниот настан, дефиле на маските, ќе се одржи на 13 јануари, со почеток во 14 часот, а во музичката програма ќе учествуваат „Архангел“, „Баклава“, „Културно-уметнички работници“, Неша Галија…
-Ова ни е прв настап на Вевчанскиот карневал и многу му се радуваме. Тука за првпат во живо ќе изведеме и неколку песни од нашиот нов албум“, изјави пејачката на „Баклава“, Елена Христова.
– Вевчани и годинава ќе ги отвори вратите за сите добронамерници, почитувачи на василичарскиот дух, кој имаат желба да бидат дел од големото карневалско доживување. Целта ни е на претстојниот карневал да земат учество не само вевчанци, туку во поворката со маски да се вклучат и посетителите на Вевчани, да го почувствуваат василичарскиот дух и да бидат дел од големото карневалско доживување, рече, меѓу другото, градоначалникот Јанкоски.
На дефилето ќе има над 1.000 групни и поединечни маски, што ќе го провоцираат да размислува оној кој ги гледа.
-Василичарите преку маските ја критикуваат актуелната власт, ги критикуваат потезите што таа ги направила, за кои сметаат дека не се во ред. Тие се еден добар коректив, многу работи можат да се видат и да се слушнат и на крајот да се преземе нешто да се исправат девијациите во владеењето, истакна вевчанскиот уметник Симун Лешоски, автор на дизајнот за пасошот на Република Вевчани и на вевчанските банкноти – личници.
Во пресрет на Василица и пречекот на православната Нова година, вечерта на 13-ти присутните гости и василичарите ќе ги забавуваат Кате и „Нели ти реков“, „Баклава“, „Џубокс бенд“ и Оркестар „Зурли и тапани“ од Вевчани.
Според Лешоски, кулминација на настанот е на 14 јануари утрото во 2 часот и 30 минути по полноќ кога младоженецот и невестата одат да полнат вода на вевчанските извори од која подоцна приготвуваат кашарник. Карневалот ќе заврши истиот ден попладнето, со традиционалното палење на маските.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.