Првиот долгометражен филм на Калтрина Красниќи снимен со поддршка од Агенцијата за филм ќе ја има својата светска премиера на Интернационалниот фестивал во Венеција на 8 септември. Ќе има девет проекции во рамките на фестивалските денови, беше соопштено денеска на прес-конференција.

Филмот е влезен во официјалната селекција на 78. издание на Фестивалот во Венеција во категоријата Хоризонти и третира тема која всушност е една од носечките елементи на овогодинешното издание на фестивалот.

Со ова учество на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција на некој начин ја заокружуваме филмската фестивалска година, која и во вакви турбулентни времиња ќе важи за многу успешна година. Новиот филмски бран продолжува, а го обележуваат дебитанти, млади автори и што ми е особено драго – сѐ повеќе женски автори. Драго ми е што Агенцијата за филм го препозна овој ко-продукциски проект, прв долгометражен филм на режисерката Калтрина Красниќи со кој се надевам сите ќе се гордееме, изјави директорот на Агенција за филм Бојан Лазаревски.

„Вера сонува за морето“ ја раскажува приказната за Вера, преведувач на знаковен јазик која по самоубиството на сопругот, реномиран судија, Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив.

Главната улога ја толкува актерката Теута Ајдини – Јегени, а во филмот уште играат и: Рефет Абази, Алкета Силај, Астрит Кабаши и др.

Сценариото е на Дорутина Баша, кинематограф е Севдије Кастрати, монтажер на филмот е Владимир Павловски, снимател на звук е Игор Поповски, композитор е Петрит Чеку, дизајнер на звук Дарко Спасовски, а продуцент од Македонија е Дрим Фектори, односно Огнен Антов.

Живеам во една мала чудесна земја, каде невозможното станува возможно. Каде далечината е блиску, каде желбата станува реалност, каде сонот станува јаве. Немојте да престанете да сонувате! Мене ми се оствари желбата да бидам дел од одлично сценарио а и да стапнам на црвениот тепих, изјави Теута Ајдини-Јегени.

„Во 2010 успеавме да го донесеме „Срцето на Сараево“, во 2019 награда на на ИФФ Торонто и Санденс, се надевам дека оваа година ќе успееме да го донесеме „Лавот“ од Венеција, изјави продуцентот Огнен Антов.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.