Со проекции на три филма во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) „Божја љубов“, британскиот „Реј и Лиз“ и „Хотел Мумбаи“ и уште три во Кинотеката, меѓу кои последниот од Ретроспективата на Мето Јовановски, „Куќа покрај пругата“ и „Ел Пепе еден возвишен живот“, вечерва завршува 22 издание на „Скопје филм фестивал“.

И на ова успешно издание на публиката ѝ донесе богата и разновидна програма: повеќе од 50 нови филмови, од кои голем број биле дел од големите светски фестивали или го свртеле вниманието на критиката со иновативниот израз и авторски пристап. Тие беа распоредени во програмите Фокус на француски филм, Гала проекции, Програма на европски филм, Панорама на светски филм, Денови на квир кино, Кратки филмови, Документарни филмови, Македонска продукција, како и Омаж на големиот македонски актер, Мето Јовановски, потоа две работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, промоции и дискусии. Селектори на програмите се Татјана Јаневска, Навид Сарем, Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров.

Годинава фестивалот свечено се отвори со македонска и светска премиера на „Втора шанса“, долгометражниот првенец на режисерката Марија Џиџева, а се одржаа и две премиери на кратките македнски филмови „Запирка“ во режија на Сезер Салихи и новиот краток филм на Ана Јакимска „Неонски срца“

Ретроспективата во чест на големиот Мето Јовановски се одржуваше во Кинотеката на Македонија и во рамки на оваа програма беа прикажани осум филмови, меѓу кои култниот „Тетовирање“ (1991), и поновиот „Пресуда“(2014) на режисерот Стефан Командарев.

Од минатата година, Скопје филм фестивал започна со реализација на програмата „Денови на Квир кино“, а продолжи и на ова издание. Во нејзини рамки се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот прави обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар ида создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.

Во рамки на годинашново издание на Скопски филмски фестивал, во организација на Креативна Европа МЕДИА Деск МК и во соработка со Агенцијата за филм се одржа Тренинг програма „Умешноста на добриот пичинг: подготовка и пракса” со Брајан Мекгил.  Втората работилница, за основните филмски техники, се одржа во соработка со Млади артивисти и Женска Алијанса, а обучувачи на оваа четиридневна програма беа Крис Белони, продуцент и режисер и Нинке Ејсинк од Холандија и Салим Салам и Ханис Багашов.
Во кафе – киното Котур, нов фестивалски простор, публиката имаше можност да се сретне со Кахејн Куперман, американска продуцентка и режисерка на документарниот филм „Виолината на Џо“, кој во 2017 беше номиниран за Оскар.

По проекцијата на филмот „Фрик и шик“ за Жан Пол Готје, се одржа дискусија за модата и родовите, сексуалноста и перформативноста со специјална гостинка Луиз Валенберг, професорка по модни студии во Центарот за модни студии при Универзитетот во Стокхолм. Дискусијата ја водеше Кристина Глигоровска, модна истражувачка.

Гости на фестивалот беа и селекторот Навид Сарем од Франција и актерката од филмот „Киселина“, Анастасија Евграфова.

Автор на плакатите за годинашното издание на фестивалот и омажот на Мето Јовановски е македонскиот дизајнер Зоран Кардула.

Скопје филм фестивал се заблагодарува на Агенцијата за филм, на сите помагателии и соработници, на медиумските спонзори, на кината „Милениум“ и „Фросина“, на Кинотека на Македонија, на кафе – киното Котур и најмногу на својата публика.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.