Македонскиот народен театар (МНТ) вечерва премиерно ќе ја изведе претставата „Макбет” во режија на Нела Витошевиќ, што ќе биде и прво поставување на оваа Шекспирова трагедија во продукција на МНТ. Премиерата е од програмата на театарот за 2018-та, но се одложи поради доцнење на финансиите и трипати беше презакажувана.

Витошевиќ ја направи и адаптацијата на текстот според препевот на Богомил Ѓузел. Клучна тема е амбицијата за власт и самодеструктивноста на човековата природа што, според режисерката, е и вонвременска тема, зашто она за што Шекспир пишувал пред пет века, алудирајќи на настани во тогашна Англија, се препознава и во денешниот либерален капитализам – личниот интерес и желбата за брз напредок се исти како и борбата за престол во која целта ги оправдува средствата. За својата драма англискиот драматург искористил реален лик кој владеел 18 години во Шкотска во 11 век, но на својата приказна Шекспир ѝ дал надреалност со ликовите на трите вештерки кои имаат важна улога во драмата.

„Макбет“ е култно дело на Шекспир кое ме интересираше уште од студентските денови. Отсекогаш ме интригираше тоа што драмата е на подеднаков начин и психолошка и политичка. Таа зборува за една болна политичка амбиција за власт која главните ликови ги носи во психолошки распад. Ненаситноста за власт расте и таа води кон тиранија. Тоа им се случува на главните ликови, Макбет и Леди Макбет. Нивната преголема амбиција ги носи во пропаст и се дават во морето од крв што ќе пролеат од нивните жртви. Главните ликови на крајот умираат поради грижата на совест, рече Витошевиќ.

Сашко Коцев, кој го игра насловниот лик, рече откако ја добил поканата се преиспитувал дали е подготвен за Макбет.

Амбицијата го победи Макбет и нарави страшно дело. Секоја чест на човек што може тоа да го направи и така да стигне горе, без никаква грижа на совест. Тоа не е човек. Нашиот Макбет не можевме така да го направиме. Сакав да му дадам човечка димензија, одговорност и грижа на совест“, истакна Коцев.

Неговата сопруга во претставата, Леди Макбет, ќе ја игра Драгана Лошкова, која на прашањето од каде потекнува нездравата амбиција на нејзиниот лик, рече тоа не е напишано во текстот но претпоставува дека е поради духовна фрустрираност.

Во „Макбет“ играат актери на МНТ, но и студенти од ФДУ. Покрај Коцев и Лошкова, во актерската екипа се и: Сенко Велинов, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Благој Веселинов, Борче Начев, Наталија Теодосиева, Ана Стојановска, Ивана Павлаковиќ, Славиша Кајевски, Исмет Шабановиќ, Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Ненад Анѓелковиќ, Виктор Бужаров, Филип Ивковски и Адриен Боирал.

Костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, со која режисерката Витошевиќ има повеќегодишна соработка. Сценографијата е на Костантин Трпеноски, а композитор на музиката Огнен Анастасовски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.