Доделувањето на првата годишна стрип награда „Лифт“ ќе се одржи во петок, на 1 февруари 2019 година, во 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје. На изложбата и во публикацијата, испечатена по тој повод, ќе бидат претставени деветте најдобро оценети стрипови во 2018 година, од вкупно пристигнатите триесетина. Станува збор за стриповите на: Никола Панов, Стефан Николовски, Оливер Цветковски, Лазар Ангелов, Виктор Гаврилoски и Магдалена Мирческа, Јована Велинова, Кристина Неделковска, Марија Николаевска и Владимир Трајановски.
За конкурсот и за наградените ќе зборува Никола Гелевски, член на жирито и уредник на Темплум. Другите членови на жирито се Јана Јакимовска, Ласко Џуроски и Владимир Битољану.
Наградите за тројцата најдобро оценети и благодарниците за сите учесници ги изработи, во дрво, уметницата Калина Игновска. Наградите имаат и свој паричен дел. Прворангираниот автор добива 300 евра, вториот двесте, а третиот сто евра.
Иницијатори на наградата се книгоиздателството Темплум и ОХО. Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум. Втора важна цел е да се даде придонес за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, со промовирање на нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што иницијаторите на наградата сакаат да придонесат за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор.
Донатор на првото доделување на наградата „Лифт“ е Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.