Со „Ундина“ на Кристијан Петцол вечерва, во летното кино на Кинотеката почнува Неделата на новиот германски филм. „Ундина“ беше во селекцијата за Златна мечка на годинешното Берлинале, а актерката Пола Бер освои Сребрена мечка за најдобра женска улога.

До 7 септември ќе играат вкупно 8 германски филмови од поновата продукција, од различни жанрови. Проекциите почнуваат во 20 часот и се бесплатни, но бројот на гледачи е ограничен поради мерките за заштита од ковид-19, а задолжително е носење маска.

На програмата се трилерот „Балон“ на Михаел Хербиг, биографскиот филм „Мојот состанок на слепо со животоТ“ на Марк Ротемунд, комедијата „Златната рипка“ на Алиреза Голафшан, експерименталната комедија „Ми се оди в диско“ на Аксел Раниш, драмата „Кадиш за пријател“ на Лео Касин и комедијата „Еби се Гете“ на Бора Датекин.

Паралелно со проекциите во Скопје, следуваат проекции и во Прилеп на 3 и 4 септември.

Неделата на новиот германски филм годинава ја реализира Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ во соработка со Кинотеката, „Дрим шорт“ – Струга и Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, со поддршка на Амбасадата на Германија во земјава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.