Во Националната галерија, објект Чифте амам вечерва ќе биде отворена јубилејната изложба „Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓање“. На изложбата ќе бидат претставени 50-тина дела, икони и слики од сите творечки фази на авторот. Тие се дел од колекциите на Националната галерија, Народен музеј – Велес, црквите „Св. Пантелејмон“, „Св.Спас“, „Св. Димитрија“ и „Успение Богородичино“ – Велес, семејството Зографски и голем дел од приватни сопственици.

Куратори на изложбата се Славица Алексоска и Маја Неделкоска Брзанова.

Од Националната галерија посочуваат дека Ѓорѓи Зографски е меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19. и почетокот на 20. век. Тој е последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки првпат кон крајот на 19. век го направи историскиот пресврт поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми. Тоа е период обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство.

Во целокупната творечка активност на Ѓорги Зографски, црковното сликарство, особено иконописот е негова главна преокупација во која се наоѓал себеси, а истовремено наоѓал и сигурен извор за егзистенција на неговото семејство. Неговата зографска активност започнала во тајфата на неговиот татко Јаков, во која заедно со необразовани и самоуки зографи сликал во духот на конзервативниот и конвенционалниот традиционализам користејќи ја семејната Ерминија, наследена од неговите претходници.

На почетокот работел под влијание на византиското и поствизантиското сликарство, главни примери му биле иконописот и живописот во македонските цркви и манастири, а посебно влијание врз неговото творештвото имале Дичо Зограф и Димитар Андонов Папрадишки. Престојот на Зографски во Петроград и Москва во 1887 година е од пресудно значење за неговиот развоен пат во животот и творештвото. Својата необразованост тој ја надоместува преку контактите со тамошните академски сликари и изразената реакција против застарените гледања на уметноста, особено при неговиот престој во Софија, каде што настануваат коренити промени во сликарството под влијание на академски образованите сликари, кои позитивно дејствувале врз конечната определба на Зографски кон обработката на теми со профана содржина.

Портретот, како сликарски жанр кој го негувал Зографски, нема да остане само привилегија на политичарите и богатите, туку ќе се демократизира и меѓу занаетчиите, трговците и свештениците. „Портретот на Јаков Зографски“ (таткото на авторот), од 1895 година, е најрано сигнирана и датирана творба. Емотивно мотивиран кон портретирање на неговиот татко, Зографски со посебно внимание го предава свенатото и уморено лице на неговиот татко. Побелената коса, ситните очи и свенатите образи ја објективизираат оваа состојба.

Еден од првите портрети што Зографски го насликал во 1894 година е „Женскиот портрет“. Мошне грижливо и педантно е изведена пластичноста на лицето, со маслинести тонови, освежени со руменило. Целото внимание Зографски го посветил на обработката на главата: мека коса, крупни очи, правилни веѓи и чисто лице. Зографски насликал уште педесеттина портрети на свои блиски како и портрети на видни личности од Македонија и Србија. Неговото сликарство, освен портрети, опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа.

Изложбата ќе биде отворена до 26 ноември 2021 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.