Вечерва во 20 часот со настапот на  две легендарни светски гитарски појави: еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години – Дејвид Торн, како и триото на ултимативниот гитарски херој, неприкосновениот иноватор, композитор и импровизатор Фред Фрит, почнува 38. издание на „Скопски џез фестивал“.

Годинава, со исклучително силна програма и специјален фокус – ECM Records, ќе ја одбележи 50-годишнината од постоењето на култната германска издавачка куќа.

Скопскиот џез фестивал единствен во Југоисточна Европа доби лиценца да се приклучи на таа широка прослава, привилегија што ја имаат само уште неколку фестивали во западна Европа и САД. Од деветте изведувачи во главната програма, шест се заштитен знак на оваа издавачка куќа, вели Оливер Белопета, директор на „Скопски џез фестивал“ .

Неодоливите мириси на Ориентот и Медитеранот ќе прострујат низ музиката на Ануар Браем – волшебникот на инструментот ут, автентичниот визионер и една од најголемите ѕвезди на дискографската куќа ECM, кој со својот квартет годинава прославува 10-годишнина од објавувањето на прославениот албум “The Astounding Eyes Of Rita”, како и низ звуците на грчкиот мајстор на лирата Сократис Синопулос кој ќе настапи со својот уникатен квартет во чии дела се испреплетуваат фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и бројните облици на импровизација и џез.

Последниот фестивалски датум е резервиран за настапот на најпоетичниот пијанист на денешницата, норвешката џез-сензација Торд Густавсен со неговото трио, како и за концертот на квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка, една од најдоминантните фигури на современата европска музика Жоел Леандре.

Програмата на фестивалот годинава опфаќа и диџеј сет на италијанскиот иновативен џез ентузијаст Никола Конте, концерти на домашните ECM вљубеници Next To Silence и еклектичниот „магичен оркестар“ на Џијан Емин, филмска проекција на документарниот филм посветен на ECM “Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher”, промоција и презентација на книгата “Cloud Arrangers” на словенечкиот фотограф Жига Коритник.

ПРОГРАМА

17 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
DAVID TORN (САД)
FRED FRITH TRIO (САД)

18 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
SOKRATIS SINOPOULOS QUARTET (Грција)
ANOUAR BRAHEM QUARTET (Тунис/Германија/Шведска/Либија)
24:00 Клуб Епицентар
NICOLA CONTE dj set (Италија)

19 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
JON BALKE BATAGRAF (Норвешка)
ART ENSEMBLE OF CHICAGO (САД)
24:00 МКЦ Дансинг сала
DŽIJAN EMIN & THE MAGICAL ORCHESTRA (Македонија)

20 OКТОМВРИ
18:00 МКЦ Кино Фросина
JOELLE LEANDRE (Франција)
20:00 Македонска опера и балет
TORD GUSTAVSEN TRIO (Норвешка)
JAMES BRANDON LEWIS UNRULY QUINTET (САД)

ПРОГРАМА ПЛУС

17. ОКТОМВРИ, МКЦ Кино Фросина
14:00 | CLOUD ARRANGERS на Жига Коритник – презентација на книга



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.