По повод двестегодишнината од раѓањето на Дичо Зограф (1819-2019), вечерва, во 19 часот, во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите ќе биде отворена изложба на негови икони. Изложбата ќе ја отворат претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, и Сашо Цветковски, научен советник од истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ.

Изложбата, која ќе биде отворена до 26 октомври, ќе содржи 25 икони и десет репродукции, главно од црквите во Мала Река и Дебарско, од Тресонче, Росоки, Сенци, предмети од Бигорскиот манастир, како и икони од струшка Малесија, од Селци. Некои од нив се празнични икони, ќе има и престолни икони, царски двери, а некои се и поатрактивни, како кивотот за мошти од Бигорскиот манастир и литискиот бајрак од црквата од Росоки. Се трудевме да ги покриеме сите сегменти каде што дејствувал Дичо Зограф. Тој сликал големи, монументални иконостаси, но и икони на платно, вели Сашо Цветковски, долгогодишен истражувач на творештвото на Дичо Зограф, Димитрија Дичо Крстевич од Тресонче, сметајќи го за најпознат и најдаровит зограф на 19, кој станува предводник на дебарско-мијачките зографи, една од последните автентични традиционални школи на просторот на Македонија.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.