Вечерва (5 февруари) со почеток во 20 часот, во просторот на НЛБ Галеријата ќе се отвори изложба на црно-бели фотографии на македонскиот автор Влатко Деков.
Постојат места каде времето е застанато, а со него и приказните за луѓето кои живееле таму. Во тие места се заљубуваме, нѐ маѓепсуваат и нѐ цртаат како ликови во нивните приказни кои потоа ги раскажуваме. Прага интима е визуелна приказна за едно такво место. Личен, интимен портрет на еден од најубавите градови и магични места во светот, Прага, вели авторот во кусиот опис на изложбата.
На трагите на она што го работеше познатиот чешки фотограф, Јосеф Судек, „Прага интима“ ги доловува скриените, вонвременски делови на градот, најчесто без присуство на луѓе.
Проектот е работен две години, период во кој авторот ја посетува Прага повеќепати, живее и ја фотографира во текот на летниот и во зимскиот период.
На изложбата посетителите ќе имаат можност да погледнат 34 црно-бели фотографии и воедно ќе биде промовирана неговата фото-книга со истоимен наслов како изложбата. Книгата е во издание на издавачката куќа ИЛИ ИЛИ.
Изложбата ќе ја отворат заменик-амбасадорот на Република Чешка Љубомир Пшенка и издавачот Игор Анѓелков.
Деков учествувал на повеќе групни изложби, а „Прага интима“ е негова втора самостојна изложба. Негови фотографии објавувале повеќе специјализирани списанија и медиуми за култура и уметност во земјава и странство. Добитник е на наградата за најдобро видео и фото репортажа од страна на ТВ Телма и емисијата Топ Тема за 2019 година.
Изложбата ќе биде отворена до 17.02.2020 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.